„Арктички стражар“ на северот: Европските земји подготвуваат одговор на заканите на Трамп за Гренланд

100

Група европски земји, предводени од Германија и Велика Британија, подготвуваат координиран воен одговор на Арктикот за да се спротивстават на обидите на американскиот претседател Доналд Трамп да го анектира Гренланд, објави Блумберг.

Според извори блиски до агенцијата, Берлин се подготвува да му предложи на НАТО создавање мисија наречена „Арктички стражар“.

Таа мисија, по пример на надзорот на критичната инфраструктура во Балтичкото Море, има за цел да го обезбеди регионот од руското и кинеското ривалство, а во исто време да му покаже на Вашингтон дека Европејците обезбедуваат стабилност на далечниот север.

На прашање од британската телевизиска мрежа Би-Би-Си, британската министерка за транспорт Хајди Александар ги опиша разговорите како „рутински“, негирајќи дека тие биле итен одговор на изјавите на американскиот претседател.

Додека Лондон ја дели проценката на Белата куќа за растечките ризици на Арктикот, министерката нагласи дека станува збор за мултилатерална рамка.

„Од клучно значење е да направиме сè што е можно со нашите сојузници од НАТО за да обезбедиме ефикасно одвраќање против рускиот претседател Владимир Путин во овој регион од светот“, рече британската министерка.

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул, кој ќе се сретне со својот американски колега Марко Рубио оваа недела, рече дека безбедноста на Арктикот станува клучна.

„Сакаме да разговараме во рамките на Алијансата за тоа како можеме заедно да ја преземеме оваа одговорност“, додаде германскиот министер.

ИЗДВОЕНИ