Пред една од најзначајните христијански реликвии на северноамериканскот континент – мироточивата икона иверско-хавајска на Пресвета Богородица се случи завчерашното признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА од страна на Православната црква во Америка. Иконата, која е многу почитувана не само на тоа подрачје туку и во целиот христијански свет, беше поставена во централниот дел од катедралниот храм „Свети Николај Чудотворец“ во Вашингтон, САД, каде што се одржа заедничка литургија на претставниците на двете цркви. Во текот на првата заедничка литургија, по објавувањето на одлуката за признавање на македонската црковна автокефалност, поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, и американскиот митрополит, Тихон, пристапија пред иконата, каде што се поклонија. Ја бакнаа реликвијата со ликот на Мајката Божја и на нејзиниот син – Исус Христос. Ова беше првпат како што македонскиот архиепископ, г.г. Стефан, ја допре и се поклони пред вредната икона, зад која стои посебна приказна.
Таа започнала во 1982 година, кога иконата со Мајката Божја Иверска, која дотогаш се наоѓала во еден скит на Света Гора, била подарена на верник по име Јосиф, кој бил во посета на ова светилиште. По неговото враќање во Канада, иконата почнала да мироточи, односно да испушта посебно масло, поради што станала славна меѓу тамошните верници, кои ја нарекле „икона иверско-монтреалска“. Со трагичната смрт на верникот Јосиф, исчезнала и иконата. Но подоцна, во 2008 година, во домот на еден верник – Нектариј, на Хаваи, САД, „протекла“ копија на иконата на Мајката Божја Иверска. Овој верник ја добил копијата на иконата како подарок од својот парохиски свештеник, кој претходно ја купил во Торонто, Канада, за 20 долари. Откако и претставниците на руската задгранична Црква во САД се увериле во течењето, решиле да ја прогласат иконата за мироточива, по што следувало сè поголемо обожавање од страна на христијанските верници на северноамериканскиот континент. Иконата често се пренесува во многу црковни храмови во САД и во Канада за да се поклонат верниците пред неа, а се бележат и повеќе примери дека им помогнала на верниците во најразлични ситуации.
Нејзиното значење сигурно беше причина за тоа што беше донесена во вашингтонскиот храм – за да го зголеми значењето на завчерашниот чин меѓу двете цркви. На заедничката литургија, поглаварот на ПЦА, митрополитот Тихон, ја соопшти одлуката со која тие ја признаваат автокефалноста на МПЦ-ОА.
– Официјално ја признаваме автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија – рече тој во обраќањето по заедничката богослужба, што предизвика аплауз од присутните верници.
Претходно, во текот на литургијата, митрополитот Тихон првпат го спомена архиепископот Стефан во диптихот на поглаварите на православните цркви, со што и литургиски беше потврдено признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА од страна на ПЦА.
Во своето обраќање, пак, македонскиот архиепископ, г.г. Стефан, изрази голема благодарност.
– Дозволете да ја изразам мојата благодарност, благодарноста на Светиот синод и на целата полнота на МПЦ-ОА до митрополитот Тихон, односно нашата искрена благодарност за признавањето на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија – потенцира тој, по што зборуваше за историјатот на Македонската црква.
Тој рече дека Македонија е земја во која дошол и апостолот Павле, по што биле основани неколку бискупски центри и дека бискупи од Македонија учествувале на Првиот вселенски собор.
– Оттогаш, па натаму, во Македонија се развивало и ширело христијанството, а нашата Црква го проповедала словото Божјо секому, во секое време и на секое место – рече тој.
Ова сослужување доаѓа откако митрополитот Тихон рвпат јавно ја призна Македонската православна црква во текот на 21. Сеамерикански собор, одржан од 14 до 18 јули 2025 година, во Феникс, Аризона. Претходно, српскиот патријарх, Порфириј, побара Православната црква во Америка, во согласност со томосот доделен од Српската православна црква, да ја признае автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, што беше прифатено.
Православната црква во Америка доби томос за автокефалност на 10 април 1970 година, од Руската православна црква, со што стекна канонска независност и самоуправа. Со тоа, се очекува томосот од Вселенската патријаршија и не е признаена како автокефална од сите православни цркви.
Извори од МПЦ-ОА неодамна изјавија за ВЕЧЕР дека чинот на сослужување ќе значи дека од наша страна се признава канонскиот статус на ПЦА, нејзиното постоење како црква.
– Но, одлуката дали ќе ѝ го признаеме автокефалниот статус ќе биде донесена по тоа, по информирањето на нашиот Синод, кој ќе се произнесе околу тоа. Тогаш и ќе се прецизираат финесите во нашите меѓусебни односи. Инаку, од наша страна не беше побарано посредување на српскиот патријарх, Порфириј – ни изјавија нашите извори од Синодот.
Според неофицијални сознанија на ВЕЧЕР, по враќањето на архиепископот г.г. Стефан во Македонија, се планира одржување синодска седница на која ќе се разгледува и односот на МПЦ-ОА кон ПЦА, односно дали ќе се признае нејзината автокефалност. Причините за извесни дилеми на нашата Црква треба да се бараат во можните реакции на Вселенската патријаршија, која сè уште не ја признава ПЦА, која е прогласена за автокефална од страна на Руската православна црква. Црковен Цариград остро се спротивставува на ваквиот потег на црковна Москва, сметајќи дека само тој може да го издаде конечниот томос за нечија црковна самостојност. МПЦ-ОА, познато е, е во исчекување на томосот за автокефалност и од Вселенската патријаршија. (Б. Ѓ.)