Поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, и епископот атаниски, Партениј, денеска ќе ја предводат литијата што ќе се одржи на струшките улици, во чест на големиот христијански светител, свети Георгиј. Ова, по повеќе месеци од смртта на досегашниот дебарско-кичевски владика, Тимотеј, е прво заедничко појавување на архиепископот Стефан и на епископот Партениј на една верска процесија. Претходно, тие само присуствуваа на 40-дневниот помен за владиката Тимотеј, со кој началствуваше епископот стобиски, Јаков. Заедничкото појавување на двајцата достоинственици се случува во период кога сè уште се очекува синодска одлука за тоа кој ќе биде наследник на тронот на Дебарско-кичевската епархија. Додека се чека синодската седница, која се најавуваше за периодот по Велигден, во јавноста и натаму се присутни шпекулациите околу тоа кој би можел да се јави во улога на наследник на владиката Тимотеј.
Според неофицијални сознанија, во редовите на Светиот синод сè уште не се искристализирани мислењето и ставот каква одлука да се донесе во однос на новиот владика во Охрид, како и во однос на администраторот на Австралиско-сиднејската епархија со која администрираше починатиот митрополит, Тимотеј. Учеството на архиепископот г.г. Стефан на традиционалната литија, која секоја година предизвикува масовно присуство на граѓаните од Струшкиот Регион, секако, е и од причина што тој моментно е администратор на Дебарско-кичевската епархија, додека епископот Партениј и неговото монашко братство од Бигорскиот манастир и сестринството од манастирот „Свети Георгиј“ во Рајчица се традиционални организатори на литијата. Со тоа, оваа манифестација истовремено ќе биде можност за повеќе средби и разговори меѓу двајцата достоинственици. Во изминативе месеци, тие беа проретчени, а индикативно беше и тоа што за верските служби што се одржуваа досега во Охрид, архиепископот г.г. Стефан најчесто испраќаше други владици, но не и епископот Партениј. Во јавноста, тоа ги подгреваше шпекулациите за одредени пораки, кои му се испраќаа на тој начин на епископот атаниски во претстојната трка за епархискиот трон во Охрид. Истовремено, во јавноста, во изминативе месеци, имаше и отворени медиумски напади против епископот Партениј, кои одеа дотаму што му ја припишуваа намерата за формирање „паралелна црква под јурисдикција на Вселенската патријаршија“.
Сега, заедничкото појавување на архиепископот Стефан и на епископот Партениј на големиот народен собир, веројатно, ќе претставува и одреден одговор на таквите тврдења. Но, останува прашањето какви се конечните размислувања на архиепископот за наследникот на владиката Тимотеј. Според бавноста на случувањата околу ова прашање, но и заострените тензии во јавноста, нема да биде изненадување доколку се случи поглаварот на МПЦ-ОА и натаму, во еден подолг рок, да го има администрирањето со Дебарско-кичевската епархија. Но, дилемата што би можела да се појави кај него е околу можностите за поделба на оваа Епархија во смисла што архиепископ би го презел управувањето со Охрид и околината, додека за другиот „дебарско-кичевски“ дел би се размислувало за опцијата со него да управува епископот Партениј. Се работи за опцијата што била присутна во размислувањата и во изминативе години, но ја немала поддршката од владиката Тимотеј. Меѓутоа, прашање е како би реагирале на ова струите во Синодот кои се против епископот Партениј и кои се заинтересирани за тронот во Дебарско-кичвеската епархија. Од друга страна, се смета дека определувањето на новиот администратор во Австралиско-сиднејската епархија би одело многу полесно со оглед што оттаму е испратено барањето тоа да биде струмичкиот митрополит, Наум, а листата на заинтересирани кандидати е многу помала. (Б. Ѓ.)
Сенародно поздравување на моштите на свети Георгиј и на чудотворните икони
Според најавата објавена на интернет-сајтот на Бигорскиот манастир, сенародната литија, која ќе започне во 16:00 часот, ќе биде особено свечена.
– На чело на самата литија ќе биде член од Бигорското братство, кој ќе го бие клепалото, потоа носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалти и братството на Бигорскиот манастир, оркестарот на Град Скопје, чудотворните икони на свети Георгиј Победоносец и на Пресвета Богородица – Гликофилуса, сестринствата од манастирите во Рајчица и во „Пречиста“, свештенството на Дебарско-кичевската епархија, Неговото блаженство, архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прва – г. г. Стефан, епископот Антаниски, г. Партениј, и најпосле, најголемата светиња – чесните мошти на Светиот, во раскошно украсена цветна кувиклија. Чесните мошти на светиот победоносец Георгиј ќе бидат носени од четворица видни граѓани, а ќе бидат придружувани и чувани од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот манастир, облечени во раскошната традиционална мијачка носија, со сејменски ќостек на градите, на кој е претставен ликот на свети Јован Крстител. Зад сердарите ќе оди сејменската гарда, чии членови ќе бидат, исто така, облечени во традиционалните мијачки носии, со ќостек на градите, со ликот на свети Георгиј Победоносец – се наведува во објавата.
На самиот крај, во дворот на струшкиот храм „Свети Георгиј Победоносец“, ќе има културно-уметнички настан.