Арбр Адеми за ВЕЧЕР: Лажна вест е дека Али Ахмети се повлекува, за такво нешто нема ни да се расправа во ДУИ

400

Лажна вест е објавата дека нашиот лидер, Али Ахмети, ќе се повлече од политичката сцена, и за такво нешто воопшто нема да се расправа на денешната седница на партиското Претседателство, изјави денеска Арбр Адеми, партиски портпарол на опозициската ДУИ за весникот ВЕЧЕР.

Тој рече дека таквите дезинформации се објавуваа со цел да се демоларизираат нивните гласачи во пресрет на вториот круг на локалните избори на 2 ноември.

– Повлекувањето на Али Ахмети воопшто не доаѓа предвид. Напротив, ние се чувствуваме како победничка партија на локалните избори. Освоивме 23.000 гласови повеќе од „Вреди“, го зголемивме и бројот на советници на 120. Со толку гласови на парламентарните избори би го зголемиле бројот на пратениците на 20, додека од „Вреди“ би освоиле само 15 – изјави Адеми.

Тој додаде дена на денешната седница на партиското Претседателство ќе ја разгледуваат актуелната политичка состојба во земјава и ќе се даде оценка за првиот изборен круг.

– Но, истовремено ќе објавиме и мобилизација на гласачите за вториот изборен круг, тие во што поголема бројка да излезат на гласачките места – нагласува Адеми.

Претходно, медиумот на албански јазик „Фол“ објави дека лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети сериозно размислува да се повлече од активната политика. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ