Махмутовиќ, роден во 1973, во срцето на Скопје – во Чаир, заминал во Шведска во 2001 и оттогаш живее во Гетеборг. Додека зборува за Македонија, од неговите зборови зрачат страст, љубов, носталгија, сака работите во нашата земја да станат подобри. -Наместо да се делиме по етничка и по религиска основа, треба сите заедно да ја направиме Македонија подобро место за живеење. Нам ни се чудат во Шведска зошто сме отидени таму. Македонија има 267 сончеви дена, а Шведска – 20. А, што е изворот на сè? Сонцето – вели Махмутовиќ за весникот ВЕЧЕР, во разговорот во кој ги отвораме прашањата што ги мачат нашите иселеници, правиме споредба на состојбите во Македонија и во Шведска, зборуваме за љубовта кон татковината…

 

Арбен Махмутовиќ е нашинец кој повеќе од дваесет години живее во Шведска, а неговата носталгија кон родниот град, Скопје, и кон родната земја, Македонија, не е, секако, неочекувана и необична за иселеник колку што е, можеби, понеобичен неговиот начин за покажување и истакнување на љубовта кон родната грутка. Арбен ги истакнува на своите социјални мрежи „Фејсбук“, „Инстаграм“, „Тик-ток“ своите носталгија и љубов кон својата родна земја со мноштво фотографии на кои во фокусот се Македонија, црвената боја, сонцето од Кутлеш, македонскиот лав. Македонската иконографија доминира на сите негови сувенири, додатоци, лични предмети како знамиња, теписи, часовници, приврзоци, дури и табличката на неговиот автомобил го означува Скопје. Деновиве тој е во Македонија и вели дека горештините од 40 степени воопшто не му пречат, бидејќи во Шведска, џабе да е витаминот Д, никој не ти го дава. Во разговорот за весникот ВЕЧЕР ги отвораме прашањата што ги мачат нашите иселеници, правиме споредба на состојбите во Македонија и во Шведска, зборуваме за љубовта кон Македонија.

Махмутовиќ, роден во 1973, во срцето на Скопје – во Чаир, заминал во Шведска во 2001 година и оттогаш дваесет и четири години живее во Гетеборг.

– Јас сум стар чаирчанец, скопјанец, заминав за Шведска кога започна она што не требаше да започне. Јас сум, можеби, првиот што ја кажува вистината, но горе никој не е задоволен, никој. Некој, можеби, зборува дека е мед и млеко таму, но тоа е невозможно. За мене, мојот град, мојата населба и мојата држава се најдобри. Она што ќе го загубиш еднаш, никогаш не можеш да го вратиш. Не знаеш што си имал претходно. Така и јас, но јас не го загубив ова по моја желба, туку поради случувањата во 2001 година – вели Махмутовиќ.

За разлика од други приказни што ги слушаме од иселениците, тој вели дека горе нашинците мака мачат и едвај чекаат слободни денови за да си дојдат во Македонија. Вели дека тоа не се однесува единствено на Шведска, оти е најдалеку и најсеверно туку и на цела Западна Европа.

– Имаме пари, но таму нема каде да ги трошиме. Доаѓаме тука да ги трошиме парите. Еве јас, тука, секоја вечер се дружам со многу пријатели од различни етнички заедници. Ова што го имаме тука, никаде го нема, единствено е на Балканот. И иако ми велат дека не е добро овде, секоја вечер гледам луѓе по кафеаните и рестораните. И ако не закажам два дена претходно, не можам маса да најдам. Едно е кажувањето, друго е на терен. Секако, има посиромашни граѓани, но според она што го гледам, а доаѓам три-четири пати во годината, нема некоја разлика кога ќе ги споредиш средствата што влегуваат-излегуваат од домашниот буџет таму и овде. Јас имам добра плата, но кога ќе ги платам станот и давачките во Шведска, не ми останува многу. Значи, во тој дел, и овде е така – вели тој.

Најмногу жали што таму речиси да нема никаков општествен, социјален живот, а како и Швеѓаните така и нашинците таму го прифатиле истиот систем на функционирање. Во однос на тоа како е организирана државата и како функционира системот, исто така има голема разлика.

– Таму е капитализам, само работа-дома, работа-дома. Додека бев овде, и јас работев, но секоја вечер бев со друштво. Горе, за 24 години, ако ми верувате, еднаш не сум излегол навечер во градот каде што живеам. Ниту ме влече тоа. Кога сме горе, ние се различни. Каде си, таков си – вели една поговорка, додава Арбен, истакнувајќи дека ние, кои живееме во Македонија, не знаеме да го цениме она што го имаме.

Се согласува дека со секое негово доаѓање во родниот град, го гледа неговото пропаѓање и знае дека сите ние, како граѓани, овде се соочуваме со големи проблеми – и во однос на економската и на еколошката ситуација во нашите земја и град. Иако укажува на недостатоците овде, лошите работи за својот град, вели, не ги кажува во Шведска.

– Шетам по цел ден, по 30 км низ Скопје и гледам само како е се полоша и полоша ситуацијата. Околу сметот – до совеста на граѓаните е. Јас велам мојата Македонија е најубава земја, но во Шведска совеста на граѓанинот е голема за разлика одовде. Еве, кај мене овде, во зграда, со кеси се фрла ѓубрето одозгора. Значи, не можеме да најдеме ние еден милион чистачи за да се исчисти Скопје. Но, секако, и системот треба да обезбеди канти и контејнери, а потоа следуваат казни за непочитување на законот. На времето кога живеев овде, во Чаир, сè беше како во Шведска, не смеев да газам во трева, топка да играм, гранче од дрво да скинам… Имаше шумар, кој секој ден ги собираше догорчињата. Тука постоеја ред и дисциплина. Чаир порано и Чаир сега – немаат врска едно со друго, а сакам тука да доаѓам – додава тој.

Неговата сопруга е од Црна Гора, имаат три деца, една ќерка и две синчиња. Сака по пензионирањето да се врати во Македонија, но за неговите деца не е сигурен.

– Не верувам. Сите деца таму растат со една наивност, мислат дека сите луѓе се еднакви, љубезни, со самопочитување и почитување на другиот и кога би упаднале овде, и системот и луѓето ќе ги „изедат“.

Вели дека наместо да се делиме по етничка и по религиска основа, треба сите заедно да ја направиме Македонија подобро место за живеење. Додека зборува за Македонија, од неговите зборови зрачат страст, љубов, носталгија, сака работите во нашата земја да станат подобри.

– Поборник сум за тоа. Имаме потенцијал, само сонцето што го имаме е еден од големите потенцијали. Нам ни се чудат во Шведска зошто сме отидени таму. Македонија има 267 сончеви дена, а Шведска – 20. А, што е изворот на сè? Сонцето.

Вели дека иако живее во Чаир, каде што сега, за разлика од претходно, доминира албанската етничка заедница, неговата рака е тетовирана со Македонија и со Александар Македонски.

– Јас тврдам дека сум најголемиот патриот од дијаспората. Нема никој како мене. Мојот стан во Шведска од 100-ина квадрати е музеј на македонската куќа. Целиот е направен во македонски стил, со македонски знамиња, македонски сувенири. Ми ги носат пријателите кога доаѓаат, јас ги купувам, нарачувам.

Вели дека поразлично се живее таму.

– Морам да ви кажам дека горе речиси сите луѓе се депресивни поради немањето сонце, 90 отсто се на таблети, но јавно не се кажува тоа. И јас паднав во депресија поради немањето сонце и социјален живот. Во Шведска, со часови можеш да шеташ, да не сретнеш човек – вели Арбен.

Смета дека нам, Балканците, поради темпераментот, отвореноста и дружељубивоста, не ни одговара резервираноста на Европа, иако мечтаеме за неа.

– Го дадовме и името, сега ќе дадеме и нешто друго. Дај Боже да не даваме веќе ништо. Јас никогаш во мојот живот нема да го употребам „северна“. Јас знам како се вика мојата земја. За мене постои една земја и еден назив, а тоа е Македонија – вели тој.

Потсетува и на фактот дека секој ден автобуси ја напуштаат Македонија, за по десет години отсега веќе да нема лекари, учители и професори тука.

– А, кога ќе се отворат вратите на Европа, миграцијата ќе биде уште поголема. Народот како да не е свесен што сака: сака во Европа, а Македонија празна?! – прашува тој.

За етничките несогласувања, особено сега актуелни на спортските натпревари, вели дека станува збор за одредена група луѓе.

– Јас во Шведска ги следам сите наши ТВ-канали, таму не гледам телевизија. Нашите медиуми треба да бидат внимателни со она што го пренесуваат во јавноста. Едно е она што се кажува на телевизија, друго е на терен. Јас живеам во Чаир, секојдневно го шетам цело Скопје, од Аеродром до Карпош, од Тафталиџе до Гази Баба. Според мене, обичниот граѓанин со голема љубов живее тука. Меѓутоа, издвоените случаи што поттикнуваат етничка поделба, треба да се санкционираат. Не може цела етничка заедница да се стави во ист кош. Ќе ги одвоиш по име и презиме, односно на спортскиот натпревар тој и тој викал против друга етничка заедница. А, не Албанците викале или Македонците викале…

Додава дека не треба да се имаат предрасуди ниту за Чаир. Како мешана средина, во него се живее 24/7, гостољубива населба е за сите. Вели дека Бит-пазар е најдобриот пазар со мешавина на Македонци, Албанци и на други што работат и пазаруваат таму. И тој нема проблем со никого, со сите се дружи, се враќа во три часот наутро, за разлика од Шведска, каде што чувствува страв доколку сам се шета навечер.

– Сите заедно треба да си ја градиме државата. Да почнеме од ефикасноста на администрацијата, особено при вадењето документи. Во Шведска, доволно е само да се каже матичниот број, и се знае целата историја на човекот. И не ми бараат барање за ова, она. Плаќам, се сликам и готово. Сакам да допрам до овдешните институции и да ги прашам зошто прават луѓето да се чувствуваат толку нервозно и мизерно при вадењето лични документи. Вадењето документ е хорор! Ти бараат непотребни и банални работи за нешто што не се менува цел живот – вели Арбен.

Се чини дека познатата песна на Константин Миладинов „Т’га за југ“ ги опишува неговите копнеење и болка по родниот крај, само наместо стиховите: „Да видам Стамбол, Кукуш да видам; Да видам дали с’нце и тамо; Мрачно угревјат како и вамо“; за него би биле соодветни: „На наши места ја да си идам, Да видам Скопје, Македонија да видам. Тамо зората греит душата; И с’нце светло зајдвит в гората“. (Н.И.Т.)

 

ИЗДВОЕНИ