Нови диференцијации се случуваат во крилото на Алијанса за Албанците по линија на отпорот или поддршка на лидерот Арбен Таравари. Истовремено, до функционерите и до членството на АА се упатуваат повици од страна на коалицијата Вреди и од другото крило предводено од Зијадин Села да го напуштат Таравари и да им се придружат. Наспроти ова, Таравари деновиве не излегува со ставови за тоа на колку функционери и партиски активисти може да смета за новото дејствување во опозицијата.
Денеска актуелната заменик-министер за одбрана, Елфете Исмаили, соопшти дека поднела оставка на досегашната функција, а со што го следи својот лидер кој неодамна замина од функцијата министер за здравство. Во оставката таа наведе дека во досегашното вршење на функцијата се однесувала посветено.
-Поднесов неотповиклива оставка од функцијата заменик-министер за одбрана на Република Северна Македонија. При вршењето на оваа функција се раководев од институционална посветеност, транспарентност и одговорност кон граѓаните и државниот интерес. Мојата оставка е резултат на продлабочена лична и професионална проценка, сметајќи дека ова е неопходен чекор и во согласност со моите убедувања. Сакам да изразам благодарност до премиерот, господин Христијан Мицкоски за довербата и можноста да бидам дел од тимот, кој во еден чувствителен период за одбраната и безбедноста на државата понесе значајни обврски. Исто така, посебна благодарност до претседателот на Алијансата за Албанците, господин Арбен Таравари, за поддршката и довербата што ми ја даде достојно да ја претставувам нашата партија и општество на оваа висока функција – напиша таа, додавајќи дека поддршката на институциите и придонесот во служење на јавниот интерес секогаш ќе остане нејзин приоритет.
Во изминативе денови, таа на својот фејсбук-профил објавуваше постови со поддршка на Арбен Таравари.
Наспроти неа, вчера актуелниот министер за доброто владеење Арбен Фетаи реши да го напушти таборот на Таравари и да остане во владината коалиција и во редовите на Вреди.
-Нема да дозволиме ДУИ да се врати како ништо да не се случило. Тие мора да се соочат со вистините што ги избегнуваа две децении. Не станува збор за поединецот. Станува збор за нашето колективно достоинство. Мојот глас е ваш глас. Гласот на Алијансата што не се предава, кој не се продава и кој не се плаши. Ние сме гласот на патот, а тој пат никогаш не поминува покрај Али Ахмети. Се чувствувам должен јавно да кажам дека ќе продолжам да бидам дел од процесот што го започнавме заедно во ВЛЕН и во оваа Влада, порача, меѓу другото, Фетаи во видеообраќањето.
Со ова, Фетаи стана нов функционер од партијата кој ги напушта редовите на крилото на Таравари. Претходно истото го сторија екс-министерот Азир Алиу и актуелниот пратеник Салим Сулејмани, а напуштања имаше и од членови на партискиот Централен комитет.
Од редовите на Вреди вчера дојде и соопштение со кое оваа коалиција му порачува на Таравари дека „останува сам во скутот на Али Ахмети“. Упатена е и порака до членството на АА да се „престројат на нивна страна“.
-Секој ден се зголемува бројот на луѓе разочарани од скандалозната одлука на Таравари да оди во скутот на Ахмети. Сега, кога оставките се последователни, се чини дека е јасно дека Таравари ќе заврши сам во скутот на Али Ахмети. Ние, како Вреди, од самиот почеток сметавме дека во АА има чесни луѓе со морална одговорност кон електоратот. Албанскиот граѓанин, без разлика дали е функционер, активист или гласач, не е алатка во рацете на Таравари што треба да се користи за пазарење на ниско ниво. Народот веќе се построи на десната страна, на нашата страна, бидејќи ние сме тука да му служиме на народот. Водачите на тендеријата ќе завршат во историјата – се вели во реакцијата на Вреди.
Оттаму доаѓаат неофицијални информации дека во игра е опцијата за нов министер за здравство да биде предложен поранешниот министер за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, кој му го сврти грбот на Таравари.
Лидерот на второто крило на АА, Зијадин Села, преку објава на социјалните мрежи ги кани членовите од крилото на Арбен Таравари, да се вратат во редовите на неговото крило.
-Бевме и продолжуваме да бидеме едно, дишејќи исто и чувствувајќи исто. Не дозволувајте оние кои никогаш не ја почувствувале топлината на нашето семејство и дом да имаат експерименти врз вас и да ја газат вашата заедничка судбина и идеали. Ова е вашиот дом и вие припаѓате тука. Само сакаме да се вратите затоа што ве чекаме, веруваме во вас и продолжуваме да бидеме убедени дека ќе се вратите таму каде што отсекогаш сте чувствувале топлина, правда, храброст и вистинска гордост – апелира Села.
Таравари, пак, на својот фејсбук-профил ја сподели објавата на сопартиецот Гарип Каба, заменик-директор во Царинската управа, во која тој навел дека „хибридниот режим на Вреди започнал со прогонот“.
-Ме известија дека полицијата ги уапсила моите два сина врз основа на клевета и наводна закана кон поранешниот пратеник и „идниот амбасадор“, Салим Сулејмани. Никогаш не помислив дека со клевета и уцена ќе вршат ваков притисок – напиша Каба. (Б.Ѓ.)
(рамка)
Н: Опозициско среќавање
Во текот на оваа недела ќе се случи средба меѓу Арбен Таравари и лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Средбата првично беше најавена за претходната недела.
-Средбата со Арбен Таравари ја одложивме за оваа недела, така што овие денови ќе се сретнам со него – изјави Филипче, одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција.
Според него, владината коалиција се распаѓа една година по формирањето.