Аранжманите за Грција со „блек фрајдеј“ попусти одат како алва

Агенциите тријат раце од продажбата на аранжмани со „блек фрајдеј“ попусти. Од агенциите велат дека има голем интерес од граѓаните да патуваат во странство и дека попустите за рано резервирање се движат и до 30 отсто.  Има големи попусти и за новогодишните патувања и за божиќните базари, кои се доста актуелни меѓу македонските граѓани последниве години. Од агенциите велат дека цените за аранжманите за Грција за летото 2026 година не се зголемени во однос на минатото лето и, во просек, во сезона се движат околу 500 евра, а надвор од сезона – 300 евра за седум дена

148

Туристичките агенции нудат попусти што се движат и до 30 отсто за аранжманите уплатени за „блек фрајдеј“. Во понудите има големи попусти како за новогодишните така и за летните аранжмани, но за да добијат поголеми попусти, дел од агенциите бараат уплата на целата сума до крајот на ноември. Агенциите нудат поголеми попусти за новогодишните патувања и за божиќните базари, кои се доста актуелни меѓу македонските граѓани последниве години. Од агенциите велат дека цените за аранжманите за Грција за летото 2026 година зависат од местото и од времето на летувањето, но, во просек, во сезона се движат околу 500 евра, а надвор од сезона се за 200 евра поевтини, односно изнесуваат околу 300 евра за седум дена.

– Доколку се сигурни граѓаните за тоа кога сакаат да одат на одмор и каде може да уплатат, некои од аранжманите што ги нудиме се и со 30 отсто попуст. Попустите за „блек фрајдеј“ ни се пуштени од почетокот на ноември и траат до 28 ноември. Цените зависат од тоа за кој термин се резервира апартманот и за која дестинација. Има голем интерес особено за летните аранжмани, голем дел од нив се веќе пополнети, бидејќи попустот трае речиси еден месец. Но, во декември ќе имамем нов циклус попусти, а голем дел од понудата ја имаме проширено со нови аранжмани, со попусти за летото 2026 година – информираат за весникот ВЕЧЕР од една туристичка агенција од Скопје.

Од агенциите велат дека нема голема промена во цените на летните аранжмани и дека цените се речиси исти како лани, кога имаше поголемо покачување на цените во однос на летото 2024 година.

– Имаме попусти за новогодишните и за божиќните базари. „Блек фрајдеј“ попустите изнесуваат 15 отсто од цената на аранжманот, но имаме и „фрст минит“ попусти. Освен за летните аранжмани, има голем интерес и за новогодишните и за божиќните базари, кои се сега многу достапни со директните линии на „Визер“. Се работи за четридневни аранжмани за повеќе европски дестинации, со цени од 300 до 500 евра, зависно од дестинацијата. Така, за Малта четиридневниот аранжман со вклучен авионски превоз, хотелско сместување и туристички водич чини 389 евра, за Барселона 550 евра, за Базел 599 евра… – вели за весникот ВЕЧЕР Маја Димитровска, менаџер на туристичка агенција.

Агенциите нудат 30 отсто попуст и за аранжманите за пречек на Нова година. Така, на пример, во Будва, каде што за новогодишната ноќ ќе настапат балканските ѕвезди Ацо Пејовиќ и Емина Јаховиќ, четиридневниот аранжман чини 145 евра. За Букурешт, за пречек на Нова година со три ноќевања ќе платите 219 евра, за Атина 179 евра, Малта со четири ноќевања и со авионски превоз ќе ве чини 420 евра, Рим и Барселона 599 евра, Париз 609 евра…

Има попусти и за предновогодишните аранжмани за бањите во Србија. Така, промоцената за две ноќевања во Куршумлиска бања е 179 евра, додека за Пролом бања – 159 евра.

(А. С.) 

ИЗДВОЕНИ