Неверојатни сцени доаѓаат од Грција, каде што силна бура предизвика поплави, лизгање на земјиштето и свлечишта. Силните јужни ветрови и високите бранови го подигнаа нивото на морето, кое на некои места се излеа на брегот и ги поплави крајбрежните населби.
Бе апогодени северните делови од грчкиот брег – Паралија, Олимписката регија, делови од Халкидики, но и Солун, објавува веб-страницата „Грција Инфо“. Генералниот секретаријат за цивилна заштита ги стави Пелопонез, Западна Грција, Јонските Острови и Епир под црвена тревога поради продолжувањето на невремето.
Невообичаено зголемување на нивото на морето беше забележано во Солун, особено во областа Каламарија. Жителите и посетителите што шетаа по брегот беа изненадени кога водата одеднаш ги покри крајбрежните патишта, продавниците и паркинзите. Некои автомобили беа заглавени во водата.
Поради обилни врнежи од дожд и изливи на море, сообраќајот е прекинат на неколку места, вклучувајќи делови од Олимпискиот регион и Халкидики.
Невремето имаше сериозни последици на Халкидики, особено во Никити, каде што крајбрежниот дел од градот е оштетен. Силните ветрови и бранови го однесоа морето кон шеталиштето и патот, носејќи песок, камења и кал. На некои локации имало крајбрежна ерозија, оштетување на патиштата и тротоарите и целосно прекинување на сообраќајот.
Поројните дождови донесоа големи количини материјал на патиштата, а пријавени се и лизгања на земјиштето. Екипите се на терен и работат на расчистување и санирање на штетите, за сообраќајот да може што поскоро да се врати во нормала. Плажите целосно го променија својот изглед на некои места, додека бројни куќи и инфраструктурни објекти се оштетени, а некои се уништени.
Локалните угостители и туристички работници апелираат работата да се забрза за да биде сè подготвено до велигденските празници, кога започнуваат пристигнувањето на гостите и подготовките за летната сезона.
Ветрови до 120 километри на час
На Крит и во близина на островот Икарија, ветровите достигнаа брзина до 120 километри на час. Обилни дождови и порои беа регистрирани во планинските области што ги оштетија патиштата, додека во крајбрежните градови, како што се Катерини, Кавала и некои јужни општини на Атина, морето навлезе во урбаните средини.
Грчките метеоролози предупредуваат дека почвата е веќе заситена со вода и дека дури и умерените врнежи од дожд би можеле да предизвикаат нови лизгања на земјиштето и поплави. Метеорологот Николета Зијакопулос оцени дека „оваа зима е историски дождлива“ и нагласи дека проблемот не е само метеоролошки, туку и геолошки и хидролошки.
Силен циклон од Јадранското Море, кој се движеше кон североистокот на Европа, донесе силни јужни струи и бурни ветрови. Во комбинација со нискиот воздушен притисок, ова доведе до зголемување на нивото на Егејското Море и поплавување на крајбрежјата, особено во пошироката област на Солун.












