– Овој дебитантски долгометражен филм претставува големо меѓународно признание за новата генерација македонски автори и потврда за квалитетот на нашата филмска сцена. Горд сум на нашите таленти и останувам посветен на поддршката на филмот како мост кон светот и како витален дел од културниот и економскиот развој на земјата – напиша на својот ФБ-профил министерот Љутков пред проекцијата на „17“ на Берлинале

Македонскиот игран филм за сексуалното насилство кај адолесцентите, „17“, во режија на Косара Митиќ, синоќа ја имаше својата светска премиера во рамките на селекцијата „Перспективи“ на 76. Берлински филмски фестивал.

Проекцијата, која се одржа во киното „Блумакс“, беше проследена со долг аплауз, а пред публиката се поклонија режисерката Митиќ, актерките Ева Костиќ и Мартина Даниловска, кои ги толкуваат главните улогите во филмот, и продуцентот Томи Салковски.

– Косара Митиќ ја означи појавата на уште еден моќен женски авторски глас од Македонија – глас што е истовремено итен, интимен и недвосмислено свој – напишаа од македонската Агенција за филм на официјалната ФБ-страница.

Во Берлин, покрај дел од креативната и актерската екипа, филмот со своето присуство го поддржаа и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, и  директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски.

– Овој дебитантски долгометражен филм, поддржан од Агенцијата за филм и продуциран во копродукција со Србија и со Словенија, претставува големо меѓународно признание за новата генерација македонски автори и потврда за квалитетот на нашата филмска сцена. Горд сум на нашите таленти и останувам посветен на поддршката на филмот како мост кон светот и како витален дел од културниот и економскиот развој на земјата – напиша на својот ФБ-профил министерот Љутков пред проекцијата на „17“.

Како што е познато, „17“ обработува тема посветена на младите кога се тие во своите критични тинејџерски години, кога се најранливи и под постојан притисок да се вклопат во средината, но и кога донесените одлуки може да остават длабока трага во нивните животи. Инспириран е од вистински настан, односно преставува екранизирање на една шокантна вест што одекна во нашите медиуми во 2016 година, кога студентка го фрлила своето бебе во канта и заминала на апсолвентска екскурзија во странство.

Според продуцентот Салковски, филмот „17“ претставува крик за будење на општеството.

– Темата на филмот директно ги третира проблемите на новите генерации, проблеми што не сакаме да признаеме дека постојат. Ова е филм што не ги затвора проблемите, туку ги отвора. Сакаме да покажеме како живееме, односно дека секојдневно сите ние премолчуваме некои работи што се случуваат – истакна Салковски претходно во Скопје, кога ја најави светската премиера во Берлин.

Во филмот, покрај Костиќ и Даниловска, играат и: Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Симеон Дамевски.

Режисерката Митиќ го потпишува сценариото на „17“ заедно со хрватскиот режисер и сценарист Огњен Свиличиќ, кинематографер е Наум Доксевски, сценографијата е на Дејан Ѓоршевски и Александра Чевреска, костимограф е Жаклина Крстевска, а монтажер – Владимир Павловски. Продуценти на филмот се Томи Салковски и Кристијан Буровски, а копродуценти Мирослав Могоровиќ, Владо Булајиќ и Лија Погачник. Филмот е продуциран од „Црна мачка продукција“, во копродукција со „Арт и попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија. Поддржан е од македонската Агенција за филм, Филмскиот центар на Србија и од Словенечкиот филмски центар. Меѓународната продажба на филмот е на „Tотем филмс“ со седиште во Париз.

Фото: ФБ профил на Томи Салковски

Македонија претставена како атрактивна дестинација за снимање филмови

Македонскиот штанд поставен од Агенцијата за филм на Европскиот филмски маркет (EFM), а во рамки на 76. Берлинале, вчера го посети и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. На штандот, тој беше пречекан од македонскиот амбасадор во Берлин, проф. д-р Илбер Села, и од директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, кој го информирал за активностите на македонската делегација и за средбите со бројни меѓународни партнери.

– Директорот на Агенцијата за филм, Мицевски, ме запозна со активностите на нашата делегација. Штандот во престижниот изложбен простор Gropius Bau успешно ја промовира Македонија како атрактивна дестинација за снимање филмови со уникатни локации, професионални капацитети и поволни услови за копродукции и странски инвестиции. Континуираната присутност на овој пазар ни овозможува поголема видливост, нова соработка и пристап до европските фондови, што директно го зајакнува развојот на македонската кинематографија – напиша Љутков на ФБ.

Инаку, македонскиот штанд на Берлинале e платформа за промоција на македонската кинематографија, а акцентот е ставен на институционалната поддршка и на поволните услови за странски инвестиции во филмската индустрија.

ИЗДВОЕНИ