Поткуплив судија, див приклучок за вода, корумпирани граничари, ова се само дел од пријавите на граѓани до Антикорупциската комисија кои брзо ги поминуваа членовите на седницата, отфрлувајќи ги со одлука дека не се надлежни да постапуваат.
Така, граѓанин во својата пријава напишал дека гранични полицајци од граничниот премин Богородица и Табановце барале поткуп, а членот кај кој се падна пријавата, брзо ја прочита и стигна до гласање – се отфрла бидејќи како институција за борбата против корупцијата не биле надлежни за тоа и поплаката ја препратија до внатрешната контрола на МВР. Друга пријава од граѓанин што падна во очи е таа во која човек се жали дека соседот на диво се приклучил на водоводна мрежа и користи вода за пиење без да плати. И за оваа претставка ДКСК се прогласи за ненадлежна. Две пријави за работа на судии беа отфрлени и препратени до Судскиот совет. Во првата имаше наводи за коруптивно однесување од страна на судија во Апелационен суд. Граѓанин кој бил осуден за измама, пресудата ја обжалил на второстепениот суд, а предметот се паднал кај пријавениот судија. Жалбата му била одбиена, па сега обвинетиот го пријавува судијата. Комисијата за спречување на корупција, ја препрати пријавата до Судскиот совет.
Антикорупциска го презентираше извештајот за локалните избори. ДКСК формирала 43 предмети по поднесени пријави. Во однос на Регистарот на службените возила на државните органи, претседателот Адем Чучуљ рече дека од 1514 институции, службени возила пријавиле 635 институции, додека 879 не доставиле податоци.
Вкупните приходи од финансирањето на изборна кампања биле приближно 569 милиони денари, при што најголемиот дел, 46,7 отсто, се од средствата за платено политички рекламирање, а потоа следуваат донации од правни, физички лица… Трошоците за кампањата изнесувале околу 301 милион денари, а најголемиот дел од средствата биле насочени кон рекламирање и пропаганда 76 отсто, за одржување на предизборни митинзи и собири се потрошени 8,3 отсто, за стручни услуги и истражувања 7,3 отсто, за транспорт и логистика 4,4 проценти, за репрезентација 1,8 отсто, за изнајмување простор 1,4 отсто.
За еден предмет од изборната кампања, ДКСК најави дека ќе иницира кривична постапка. Станува збор за директор на јавно претпријатие, кој е одговорен што на јавни автобуси бил залепен ликот на еден од кандидатите за градоначалник. Од Антикорупциска нагласија дека автобусите се јавни добра и дека директорот постапил спротивно на законските одредби кои го ограничуваат тоа.
ДКСК повторно заседава во некомплетен состав откако членката Цвета Ристова си поднесе оставка бидејќи нејзините колеги отворија два предмети по допрен глас, првиот за судир на интереси, а вториот за непријавување на имот. Собранието, на следната седница, треба да ја констатира нејзината оставка заедно со онаа што си ја поднесе претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимовски. (П. А.)












