Чекањето во македонскиот Парламент да се формира анкетна комисија за пожарите во кочанската дискотека, тетовската модуларна болница, како и сообраќајните незгоди на автобусите на „Дурмо турс“ и на „Беса транс“, веќе влезе во третиот месец. Иако пратениците ја изгласаа одлуката за нејзино формирање на 3 декември минатата година, таа сè уште не е конституирана од причина што на парламентарните партии воопшто не им се брза да предложат нејзини членови. Комисијата беше изгласана по предлогот на владејачките партии ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди, откако претходно беше одбиено барањето на опозицискиот СДСМ за формирање посебна анкетна комисија само за пожарот во Кочани. ВМРО-ДПМНЕ инсистираше во анкетната комисија да бидат опфатени и други ужасни незгоди, а кои зедоа вкупно 138 жртви. Оваа анкетна комисија треба да има 15 членови, од кои седум од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, двајца од пратеничката група на СДСМ, двајца од Европскиот фронт, двајца од Вреди и по еден член од Левица и ЗНАМ. Досега само Левица предложила член и заменик-член во комисијата, а од редовите на СДСМ најавиле дека ќе го сторат тоа наскоро
Претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши, на денешниот брифинг со новинарите, на прашањето дали се саботира конституирањето на ова тело, рече дека сè зависи од пратениците.
– Со тоа што СДСМ најавува дека ќе ги предложи членовите на комисијата, тоа укажува дека зависи од пратениците. Се работи за политички калкулации. Секоја политичка партија си избира начин на кој ќе комуницира во однос на едно прашање. И треба до нив да се обратите, да ви кажат политичките ставови околу тоа. Собраниската процедура кај нас е почитувана, можноста е дадена и сите тие треба да предложат имиња. Како што направи Левица, сега ќе направи СДСМ и така ќе се формира комисијата. Досега СДСМ ги немаше доставено имињата – одговори Гаши, додавајќи дека за обврската, најверојатно, ќе ги потсети партиските координатори следната недела.
Во меѓувреме, во декември минатата година беше одржана седница на постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, чиј претседател е Димитар Апасиев, а која го разгледуваше само ужасниот пожар во Кочани. Претставката беше поднесена од Здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“, познато како здружение на родителите на загинатите деца во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, вчера изјави за весникот ВЕЧЕР дека чекаат да заврши работата на комисијата што ја води Апасиев.
– Таа комисија треба да поднесе извештај, да донесе соодветни заклучоци, да си ја заврши работата. Ние чекаме на тоа. Од таа причина досега не сме ги предложиле своите членови во втората анкетна комисија, која ќе ги разгледува сите четири тешки трагедии. Кога ќе ја заврши Апасиев својата работа, и ние ќе пристапиме кон конституирање на комисијата. Не треба паралелно да работат две анкетни комисии – ни рече Мицевски.
Координаторот на опозицискиот СДСМ, Оливер Спасовски, ни рече дека кога ќе ги предложат членовите, за тоа ќе ја информираат јавноста.
Следниот месец ќе се наврши една година од ужасниот пожар во Кочани, а во текот на годината и годишнините од други тешки незгоди. (Б. Ѓ.)












