Железничките несреќи во Андалузија и Каталонија, во кои загинаа 47 лица минатиот месец, предизвикаа неизвесност меѓу граѓаните на Шпанија, според анкета објавена во вторник, која покажа дека речиси половина од корисниците на возови во земјата размислуваат или веќе престанале да ги користат.
Компанијата за истражување на јавното мислење 40db спроведе „онлајн“ анкета меѓу 2.000 шпански жители, од кои 24,2 проценти рекле дека размислуваат да престанат да користат возови, а 20,5 проценти веќе престанале да патуваат на тој начин.
И сепак, мнозинството, или 55,3 проценти, сè уште имаат намера да се возат со возови во земјата со најдолгата брза железничка линија во светот по Кина.
Несреќите во Андалузија, каде што пукната пруга беше наведена како можна причина, и Каталонија, каде што заштитен ѕид и карпа паднаа на шините поради дожд, предизвикаа критики кон левичарската влада на премиерот Педро Санчез.
Меѓу оние кои во анкетата изјавиле дека се откажале од возењето со воз или имаат намера да се откажат, 57 проценти се гласачи на десничарските опозициски партии Вокс и Народната партија.
Во Шпанија, со население од 49 милиони, една третина од населението често користи приградски железнички превоз, а една петтина користи возови меѓу далечни градови, според весникот Ел Паис. Околу 39 испитаници изјавиле дека имаат мала доверба во шпанските железници, а 19 проценти немаат никаква, покажува анкетата. Околу 40 проценти од испитаниците изјавиле дека имаат висока и доволна доверба.
Синдикатите за железнички транспорт започнаа тридневен штрајк во понеделник за да ја повикаат владата да инвестира повеќе во безбедноста на возовите.
Сепак, тие го откажаа штрајкот истиот ден откако постигнаа договор со владата во Мадрид.
Договорот меѓу синдикатот и Министерството за транспорт содржи 25 точки распоредени во три фундаментални столба: нови мерки и безбедносни прописи, зголемување на инвестициите во одржувањето на инфраструктурата и обезбедување на потребниот персонал за спроведување на овие подобрувања.












