среда, јули 22, 2026
Дома СВЕТ Анкета на „Паис“: За Шпанците, Трамп е поголема закана за глобалниот мир...

Анкета на „Паис“: За Шпанците, Трамп е поголема закана за глобалниот мир од Путин

38
EPA/Francis Chung / POOL

Шпанците веруваат дека американскиот претседател Доналд Трамп е поголема закана за светскиот мир од рускиот претседател Владимир Путин, а повеќето веруваат дека Мадрид не треба воено да го поддржува Вашингтон во војната против Иран, според анкета објавена денеска од шпанскиот весник „Паис“.

На прашањето кои лидери најмногу го загрозуваат глобалниот мир, 81 процент од испитаниците го именувале Трамп, 79,3 проценти Путин, а 71,2 проценти го избрале израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Далеку зад нив се другите светски лидери, како што се новиот врховен лидер на Иран Моџтаба Хамнеи (62,9 проценти), севернокорејскиот претседател Ким Џонг Ун (62,2 проценти) и кинескиот претседател Си Џинпинг (49,3 проценти).

Ставовите на Шпанците за меѓународните лидери, како и за други прашања, во голема мера се под влијание на идеолошките разлики. Трамп е најголемата закана за огромното мнозинство поддржувачи од левицата, додека меѓу гласачите од десницата, Путин предизвикува најголема загриженост.

Според анкетата, во Шпанија сè уште има големо противење на војната на Блискиот Исток, а 56 проценти од испитаниците се против продолжување на воените офанзиви сè додека не се собори иранскиот режим.Повеќе од половина од испитаниците се против обезбедувањето воена поддршка од страна на Шпанија на САД и Израел во војната против Иран и давањето приоритет на односите со Вашингтон.

Исто така, големо мнозинство, повеќе од 70 проценти, поддржува крај на израелско-палестинскиот конфликт, се залага за договорно решение за политичката криза во Венецуела, а 66 проценти поддржуваат продолжување на меѓународната воена помош за Украина сè додека трае руската инвазија.

Иако речиси две третини поддржуваат останување во НАТО алијансата, а повеќе од половина се за формирање европска армија, мнозинството го отфрла испраќањето шпански војници во конфликти. Половина од испитаниците веруваат дека е можна светска војна, а двајца од тројца испитаници очекуваат нова воена интервенција на САД и глобална економска криза како резултат на конфликтот на Блискиот Исток. 39 проценти веруваат во можноста Путин да нападне земја од ЕУ.

Анкетата, исто така, покажа голем песимизам кај Шпанците и поделба на општеството во однос на клучни прашања како што се трошоците за одбрана.46,3 проценти од испитаниците го поддржуваат зголемувањето на трошоците за војската, а 45,3 проценти се против тоа, при што десницата е за поголемо трошење, а левицата е против тоа.

Во однос на иднината, речиси 70 проценти од Шпанците се песимистични, половина сметаат дека ќе биде насилна, авторитарна и нееднаква, додека помалку од 10 проценти веруваат дека ќе биде попросперитетна и постабилна.

Повеќе од половина од испитаниците веруваат дека демократското назадување е можно во ЕУ (54 проценти) и САД (59 проценти).

На прашањето дали би биле подготвени да преземат личен ризик за да ја одбранат демократијата во Шпанија, половина рекоа да, додека 36 проценти рекоа не.

ИЗДВОЕНИ