АНКЕТА НА „ЕВРОСТАТ“ ЗА УПОТРЕБАТА НА СОВРЕМЕНИ ТЕХНОЛОГИИ: Секој петти Македонец користи генеративна вештачка интелигенција, најмногу за разговори и за читање вести

Според податоците за оваа година, алатките ги користеле 22 проценти од нашите граѓани на возраст од 16 до 74 години. Од нив, 15,76 отсто ги користеле за приватни цели, 8,55 за работа, додека 4,21 процент во формалното образование

203

Секој петти македонски граѓанин, односно 22 проценти од нив, во текот на оваа година користел алатки за генеративна вештачка интелигенција. Ова го покажува анкетата за употребата на информациските и на комуникациските технологии во домаќинствата и меѓу поединците, објавена од „Евростат“.

– Од нив, 15,76 отсто ги користеле за приватни цели, 8,55 за работа, додека 4,21 процент во формалното образование – се наведува во анкетата.

Според истражувањето, во земјите на Европската Унија, пак, во 2025 година, 32,7 проценти од луѓето на возраст од 16 до 74 години користеле алатки за ваков вид интелигенција. Мнозинството од државјаните на ЕУ ги користеле за приватни цели (25,1 процент), додека 15,1 процент ги користеле за работа, а 9,4 проценти во формалното образование.

Во случајот на Македонија, истражувањето покажало дека најчеста причина за употребата на алатките за генеративна вештачка интелигенција била комуникацијата. Вкупно 86 проценти од испитаниците одговориле дека причината е за да телефонираат и да за комуницираат преку видеоповици, 80 отсто навеле и тоа дека причина е користењето „Месинџер“, „Воцап“ и други алатки, а 41 отсто да праќаат и да примаат пораки.

– Шеесет и два отсто одговориле дека преку алатките читаат вести и други информативни содржини, 43 проценти дека бараат информации врзани со здравјето, а 34 отсто бараат информации за добрата и за услугите – се наведува во истражувањето.

Инаку, меѓу земјите членки на ЕУ, Норвешка е на врвот со 56,32 проценти од граѓаните што користат алатки за генеративна вештачка интелигенција. По неа се Данска со 48,44 проценти и Швајцарија со 47,02 проценти, по што следуваат Естонија (46,6 проценти), Малта (46,5 проценти)…

Во овие земји, вештачката интелигенција е широко распространета и во професионалните средини, на пример, во Норвешка 35,44 проценти од граѓаните ја користат за работа, во Швајцарија 34,40 проценти, а во Данска 27,17 проценти.

Од друга страна, најмал удел на корисници на генеративната вештачка интелигенција е забележан во Романија (17,8 проценти), Италија (19,9 проценти) и во Бугарија (22,5 проценти).

Во Хрватска, според податоците на „Евростат“, во 2025 година, 27,52 проценти ги користеле алатките за генеративна вештачка интелигенција, во Словенија 37,56 проценти, во Унгарија 29,56 проценти, во Босна и Херцеговина 20,3 проценти и во Србија само 18,6 проценти.

ИЗДВОЕНИ