Македонскиот анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ во наредните недели ќе биде прикажан на три престижни фестивали – Меѓународниот филмски фестивал на патот на свилата (Силк Роад Интернатионал Филм Фестивал) во Кина, Фестивалот за детски и младински филмови Шлингел (СЦХЛиНГЕЛ Интернатионал Филм Фестивал фор Цхилдрен анд Ѕоунг Аудиенцес) во Германија и Галактички Имагинариум (Галацтиц Имагинариум) во Романија.

„Силк Роад Интернатионал Филм Фестивал“ е еден од најголемите културни настани во Азија и вистинска раскрсница на светските кинематографии. На неговите досегашни изданија учествувале големи имиња како Лук Бесон, Асгар Фархаади, Софи Марсо. Амос Гитаи и Џеки Чен.

Со своето 30-то јубилејно издание, СЦХЛиНГЕЛ е еден од најголемите и најзначајни европски фестивали за детски и младински филм. Таму се прикажуваат внимателно селектирани остварувања што ја слават креативноста и разновидноста во светското детско кино.

Романскиот Галацтиц Имагинариум пак, се одржува во Тимисоара и е специјализиран фестивал за фантастика и научна фантастика.

– Неверојатно е чувството да видиш како една македонска приказна за помалку од две недели патува од Кина, преку Германија, па сè до Романија. Овие три фестивали се различни по својот карактер – еден е светски гигант, другиот е европска институција за детска публика, а третиот е специјализиран за фантастика. За мене тоа е доказ дека филмот зборува универзален јазик. Се надевам дека публиката насекаде ќе ја почувствува иста радост и возбуда како и ние кога го создававме, вели режисерот Гоце Цветановски.

Од екипата на филмот најавуваат дека во октомври ќе бидат објавени уште нови фестивалски селекции и дека меѓународното патување на „Јон Вардар против Галаксијата“ допрва продолжува.

ИЗДВОЕНИ