Видео во кое се гледа како исфрла човек пет мали кучиња на улица, одземени од мајката што е негово куче, ги разгневи членовите на Здружението за заштита на животните „Анима мунди“.
Уште повеќе што кога го прашала случајна минувачка зошто го прави тоа и му укажала дека постои бесплатна стерилизација, дека постои решение, тој, сепак, ги оставил, препуштени на глад, болести, опасности и на сигурно страдање, смрт.
Според Здружението, ваквиот чин е суров, погрешен и општествено штетен и сметаат дека токму ваквите постапки го прават проблемот што, како што велат, сите подоцна го плаќаме, а животните – со своите животи.
– Науката за јавна политика е јасна: проблемите што произлегуваат од човечкото однесување не се решаваат со собирање на последиците, туку со регулирање на изворот. Популацијата на бездомни животни е предвидлив, математички објаснив феномен – секое нестерилизирано животно создава експоненцијален раст на нови генерации. Затоа мерките како масовно стационирање, дислокација или евтаназија никаде не дале трајни резултати. Напротив, создаваат вакуум ефект – испразнетиот простор повторно се пополнува ако остане изворот неконтролиран – наведуваат од „Анима мунди“.
Тие сметаат дека повеќе не се потребни стационари, туку систем што ќе ги празни, не што ќе ги полни.
– Отворање нови капацитети без да се запре приливот е како да отворате нови болници, а да не спречувате несреќи. Со секој нов објект без контрола на изворот, индиректно се праќа порака дека неодговорноста ќе биде „апсорбирана“ од системот – децидни се од Здружението за заштита на животните.
Затоа тие инсистираат за итни системски мерки, меѓу кои: измена на Законот за заштита и благосостојба на животните, согласно со поднесените предлози; масовна едукација за одговорно сопствеништво; бесплатна и субвенционирана стерилизација, особено за ранливите категории; активна инспекција на терен, како и строги казни за напуштање и неконтролирано размножување.
– Без превенција, нема решение, само нови генерации фрлени на улица. Ако е лицето во социјален ризик , системот треба да помогне, но ако некој свесно напушта, мора да одговара. Законот не смее да биде мртва буква. Општеството што инвестира во превенцијата создава ред. Општеството што плаќа само последици – создава хроничен проблем. Нема решение без систем, а ни С од систем без одговорност – потенцираат од „Анима мунди“.
(А. П.)












