Филмот „Бело се пере на деведесет“ во режија на Марко Набершник, во кој Македонија е малцински копродуцент, завчеравечер ја имаше македонската премиера на 24. Фестивал на европски филм „Синедејс“. Филмот е адаптација на автобиографскиот роман на словенечката писателка Броња Жакељ, со меѓународен успех издаден на осум јазици.

Македонскиот копродуцент, Томи Салковски од „Црна мачка“ од Скопје, на вчерашната прес-конференција на која учествуваа и актерките Аница Добра и Леа Цок, и продуцентот на филмот, Алеш Павлин, посочи дека одлучиле филмот прво да биде прикажан на фестивал, а потоа во редовен кинорепертоар.

„Се надеваме дека на крајот на годината или во јануари ќе биде на редовна репертоарска програма во ‘Синеплекс’“, рече Салковски.

Актерката Леа Цок изјави дека улогата во филмот ја научила да се запознае себеси, да разбере дека сите имаме некои предизвици во животот и оти тоа не е казна, туку можност да се запознаеш себеси, да се запознаеш колку си силен, посилен отколку што мислиш. Продуцентот Павлин, пак, додаде дека имале тежок пат од адаптацијата на романот до сценариото.

Актерката Аница Добра истакна дека ова не е женски филм, иако зборува за жените, туку е филм за сите нас. Таа посочи дека во филмот има доста хумор, кој не служи да се смее човек, туку да ја нагласи драмата.

– Сплетот на драма и хумор ја прави оваа приказна така препознатлива, нагласи Добра.

Инаку, филмот „Бело се пере на деведесет“ е трогателна, инспиративна приказна, проткаена со хумор, за животот на Броња, низ различни фази од животот. Нејзиното безгрижно детство ќе биде прекинато од загубата на нејзината мајка болна од рак, а во доцните тинејџерски години и таа мора да се соочи со подмолната болест. И покрај бројните и речиси непремостливи предизвици, Броња успева да ги надмине со солзи, смеа и со непоколеблив оптимизам.

Филмот е копродукциска меѓу Словенија, Италија, Хрватска, Србија, Македонија и Црна Гора. „Бело се пере на деведесет“ имаше светска премиера на Сараевски филмски фестивал во август годинава.

ИЗДВОЕНИ