Често пати сме сведоци на најлудите фудбалски приказни кои ни доаѓаат од Велика Британија. Овој пат „Би-Би-Си“ пишува за фудбалерот Лукас Акинс (36), кој отслужува затворска казна, а дел од составот на Менсфилд Таун за оваа сезона!
Чудно, но вистинито.
Ветеранот започна да отслужува 14-месечна затворска казна во април, откако се изјасни за виновен за предизвикување смрт на велосипедист со невнимателното возење во март 2022 година. Се очекува Акинс да биде ослободен по отслужување на половина од казната, а преостанатите седум месеци да биде на условна казна. Ова значи дека искусниот напаѓач би можел да игра за англискиот клуб од третата лига околу Нова Година.
Англиската фудбалска лига (ЕФЛ) ги објави списоците со состави, потврдувајќи кои играчи се под договор и се регистрирани за новата сезона. Иако се сметаше дека договорот на Акинс истекол на крајот од минатата сезона, неговото име на списокот беше изненадување за многумина.
Уште во мај, Менсфилд изјави дека „продолжува да ја разгледува својата позиција“ во врска со напаѓачот. Кога беше прашан од „Би-Би-Си Спорт“ за новата ситуација, клубот излезе со соопштение.
- Клубот ќе го разгледа ставот на Лукас кога и ако биде ослободен од притвор и нема да дава дополнителни коментари во овој момент, се вели во нивното соопштение.
Акинс беше и играч на Менсфилд во времето на трагичната несреќа пред повеќе од три години. Адриан Даниел (33) почина 10 дена откако беше удрен од Мерцедес Г350 управуван од Акинс во близина на Хадерсфилд.
За време на судењето, Акинс продолжи да игра за клубот до изрекувањето на пресудата. Само неколку часа откако се изјасни за виновен на 4 март, тој играше на натпревар од Лига 1.
Акинс има одиграно над 150 натпревари за Менсфилд откако им се придружи во јануари 2022 година од Бартон Албион. Претходни клубови во неговата кариера се Хадерсфилд Таун, Транмере, Стивениџ, Хамилтон и Партик Тистл.