Откако беше спореден со јогурт, затоа што неговите ангажмани имале пократок рок на траење, поранешниот селектор на Македонија, Игор Ангеловски, на својот инстаграм-профил испрати јасна порака до првиот човек на ФФМ, Масар Омерагиќ.
„Г. Омерагиќ, гледајќи ја Вашата прес-конференција, не знаев дека имате дарба за медицина. Се надевам дека сте во добра психо-физичка кондиција. Немојте да ја замајувате јавноста. Зборуваме за бараж натпревари за пласман на СП каде што назначувате селектор кој истовремено ќе работи во клуб и со репрезентација пред ваков важен натпревар кој е од НАЦИОНАЛЕН ИНТЕРЕС!
Ова Ви го кажувам како поранешен селектор не како клупски тренер, не сум од тие што ќе дозволат да ми се заканувате! Како тоа моето име се најде за кандидатура за нов селектор ако вчера изјавувате ноторни лаги за мене. Јас сум истиот од пред еден месец и не заборавајте, Вие мене ми се јавивте. Прво Горан Пандев – директорот на сите национални селекции на Ваше барање, потоа Вие. Кога Веќе соопштувате детали зошто не го повикавте, гореспоменатиот да ги соопшти деталите на разговорот. Кога веќе го искористивте нашиот разговор и сте ме пуштиле на интерфон без да ме известите за тоа како што кажавте „пред сведоци”. Кога сме кај тоа, бидете искрени до крај и кажете што Ви одговорив: Дека од мене можете да очекувате само професионалност.
Кога Ве прашав за кого сте, Вие одговоривте: Сè уште не сум одлучил. Г. Омерагиќ вашиот личен избор на селектор за кој се немате „одлучено” го договараше стручниот штаб и се јавуваше на кондициски тренер во Хрватска… Немојте да заборавите дека јас поминав во ФФМ шест години.
Кога сме кај пролиценците, јавно Ве повикувам да извршите ревизија на сите лиценци издадени од ФФМ вклучувајќи ја и мојата и да го објавите регистарот во кој се запишани имињата на носителите. Да Ви помогнам. Во седиштето на УЕФА во Нион како претставници на тогашната генерација на кандидати за УЕФА – Пролиценца. Игор Ангеловски, Горан Станиќ и Ренато Глигоровски во присуство на директорот на едукативниот центар проф. Небојша Марковски и Марио Ѓурчиновски, а под менторство на Дејвид Мојс, тогашниот тренер на Манчестер јунајтед, го одработивме испитот за УЕФА Пролиценца, при што добивме највисока оцена. Сето ова е документирано со видео запис во архивите на УЕФА и Ви е достапен на проверка на Ваше барање.
Нема да дозволам да фрлате дамка врз моето име.
Немојте да се доведувате во ситуација да дувате на јогурт“, напиша Ангеловски.












