Ангелов: Пожарот во „Јасен“ е најкритичен, нè чека тешка и ризична задача

23

Пожарот во Ловиштето „Јасен“ е најкритичен, беснее неколку дена, горат борови. Исклучително е тежок теренот. Нè чека тешка и ризична задача, но јас сум оптимист, работиме барем да го забавиме ширењето на огнот, изјави Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Во гостување во Дневникот на ТВ Сител тој објасни зошто е деликатна ситуацијата – од пламените се прават високи витли и затоа е, рече, екстермно ризично пешадиски да се гаси, а кога се фрла вода одозгора, пак, таа не може да падне до земјата од боровите крошни или испарува пред да падне поради високата температура.

Рано наутро денеска користеле четири специјални возила „пинцгауери“ затоа што толку дозволувал теренот. Како што рече, се работи за тесни шумски козји патеки. Наутро гасењето било успешно бидејќи тогаш пожарот е „заспан“. Но, сликата драстично се менува, рече Ангелов, претпладне и околу пладне со покачувањето на температурата.

За новите пожарникари избрани на оглас, посочи дека  се уште не се распоредени и оти нема да биде  дозволено да се ангажираат во вакви пожари туку, рече, „ќе ги пуштиме на поедноставни пожари“.

-Тие се уште зачекоруваат во водите на пожарникарството, тоа нема да го дозволиме, кажа Ангелов. Во однос на коментарите дека пријавените на огласите имале само два дена обука, додаде дека тоа е само вовед и теоретско запознавање односно минимално ниво пред да продолжат на повиско ниво.

-Дваесет и седум лица кои дојдоа во ДЗС овие денови ќе имаат дополнителна и посериозна обука. Презадоволен сум од луѓето што се јавија на оглас, се работи за сериозни луѓе со физички предиспозиции за оваа работа и верувам ќе имаме добар материјал за квалитетни пожарникари, истакна Ангелов.

Прашан кога ќе биде ставен во функција третиот „ер трактор“, одговори дека тој најверојатно ќе доцни затоа што има само еден сервисен оператор и малку подизведувачи во Европа, а државава има пет-шест авиомеханичари кои, рече, пожртвувано работат за „ер тракторите“ да бидат во функција.

-Во процес е набавка на повеќе хеликоптери, мислам 15-ина. Ќе се разговара дали некои од нив ќе бидат подобни понатаму да бидат користени за гасење пожари.  Но, мојата идеја е во иднина да се набават и нови „ер трактори“. Веќе почнав некои процедури, да видиме колку ЕУ покрива трошоци за „ер тракторите“. Но, кога ние и би ги порачале, се чека со години испораката. Затоа што има дефицит. Југоисточна Европа гори, пожари имаме насекаде, рече Ангелов.

Очекува дека следната година ќе има и поголем број пилоти и оти со двајцата пензионирани пилоти имаат договор да бидат ангажирани и следното лето, посочувајќи дека платата на пилотите е двојно зголемена.

Во однос на инспекцијата за ПП-апарати по угостителски објекти, одговори дека ДЗС има само 13 инспектори и е, рече, „невозможно да се покрие мал град, а камоли Македонија“.

-Но, имам визија и во новата институција што верувам дека ќе ја направиме до Нова година ова ќе биде решено на друг начин, додаде Ангелов.

На годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор, Ангелов, како припадник на безбедносните сили во 2001,  беше прашан дали договорот ги оправдал очекувањата. Одговори дека тогаш чувствувал горчина, дека договорот бил изнуден и немало излез.

-Беше единствен излез. Но факт е  дека македонските бранители убедливо бевме надмоќни над УЧК од секој аспект – и по бројност, и по мотив, и по оружје и опрема, подготвеност и обука, но политиката и тогаш направи да изгубат политичарите. Ние, припадниците на македонските безбедносни сили,  победивме и со горчина го прифативме потпишувањето. Денес, како човек кој е дел од политиката, гледам поникаку. Едноставно,  Рамковниот догвоор беше изнуден и во суштина  зад УЧК стојат неколку големи светски сили, додаде Ангелов.

ИЗДВОЕНИ