Огромниот интерес кај љубителите на уметноста што го предизвика Светиева со својата изложба беше, секако, очекуван со оглед на нејзините обемно творештво и огромен удел во градењето на современата македонска ликовна сцена. Самата авторка вели: „Кога пак би избирала, повторно би ја избрала уметноста“
– Анета Светиева е уметница што не создава само форми, туку свет. Таа е авторка што преку глина, дух и мит ни го раскажува нашето сопствено потекло, но и нашата можна иднина. Таа го прави тоа и храбро и нежно, истовремено како што знаат нејзините фигури да бидат и робусни, и ранливи, и прапочетни, и сегашни… – со овие зборови кураторот советник Ана Франговска од Националната галерија, завчеравечер, во Даут-пашиниот амам ја започна прославата на уметноста на еминентната македонска скулпторка, Анета Светиева, чии дела се претставени во рамките на нејзината ретроспективна изложба, која јавноста ќе може да ја проследи до крајот на август.
За директорката на Националната галерија, Маја Недановска -Брзанова, Светиева е автентичен автор со оригинален скулпторски ракопис.
– Ретроспективната изложба на Анета Светиева, под инспиративните сводови на Даут-пашиниот амам, од кој произлезе и нејзиниот проект „Турска бања“, е плод на повеќегодишен истражувачки труд и претставува своевидно заокружување на едно патување, кое започна во 2023 година, токму со промоција на монографија. Но, за жал, во ваков интегрален обем македонската културна јавност досега немаше можност да го види нејзиното творештво. Пријателската доверба и блискоста градена низ децениите наназад, меѓу Анета Светиева и Викторија Васева-Димеска, како резултат на едно долгогодишно искрено пријателство, конечно добија свое вообликување во оваа ретроспективана изложба и во монографијата, преку која може непосредно, длабоко и искрено да го доживеете творештвото, кое со години ни се преточувало пред очи, но како да чекале децениите да се слеат со вековите под сводовите на старата бања и, конечно, да ја раскажат приказната за „слоевитоста на животот и за комплексноста на творештвото на Анета Светиева – посочи Неделковска-Брзанова.
А, Викторија Васева-Димеска, историчарка на уметност и куратор на овој проект, пак, за Светиева вели: „Анета и јас дојдовме во Скопје истата, 1974 година. Патиштата тука ни се споија и речиси половина век тече, застанува, продолжува нашето пријателство… И покрај неможноста да се осознаат сите биографски сегменти, сите цртички и записи, сепак, верувам дека невидливите случувања, магловитите доживувања, созревања, дилеми, талкања… може да се насетат во оваа сага за сложениот духовен универзум, за божествената рапсодија на митолошките суштества на Светиева, за минувачите низ нејзиниот дух – нејзиното семејство: наречниците, гулабиците, реките и речните божества… Тие зборуваат за најдлабоките човечки страдања и стравови и за елементарните животни задоволства и радости, за љубовта, но и за насилството и за смртта, за обидот да се надвладее стравот, ги отвораат вратите кон она другото, непознатото и никогаш разбрано до крај. Сите нејзини дела содржат сопствена тајна во судирот меѓу животот и смртта, кој прерасна во повисок симбол на нејзината уметност…“.
Марија Станчевска-Ѓоргова, државен секретар за култура во ресорното Министерство, посочи дека Светиева не е само скулпторка.
– Таа е раскажувач преку форма, сведок на времето и чувар на длабоките културни слоеви што го обликуваат нашиот идентитет. Нејзините дела зборуваат за корените, за обичаите, за митологијата – не како носталгија, туку како жив дијалог со современоста.
Таа додаде и дека Светиева ја има претставувано Македонија и на најпрестижната меѓународна сцена: Венецијанското биенале, каде што беше препознаена по својот автентичен и длабоко човечки израз.
Македонската претседателка, Гордана Сиљановка-Давкова, истакна за својата пријателка и за нејзината уметност дека е една од нашите најзначајни ликовни уметници со богато и раскошно творештво и со репрезентативен број дела значајни не само за македонската ликовна уметност туку и пошироко, уметница со особен стил и со длабока и комплексна естетика. (Д.Т.)