вторник, јануари 20, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Анел Фидоски избран за нов шеф на ОЈО Скопје, Бесир Алиу реизбран...

Анел Фидоски избран за нов шеф на ОЈО Скопје, Бесир Алиу реизбран за шеф на Основното обвинителство во Тетово

44

Членовите на Советот на јавни обвинители, заедно со претседателот на Советот, Башким Бесими, се собраа за да го изберат новиот раководител на Основното јавно обвинителство Скопје. Во процесот на гласање, Анел Фидоски доби најголема поддршка и на тој начин ја обезбеди раководната позиција. Седум од 11-те членови на Советот гласаа „за“ изборот на Фидоски, двајца членови гласаа „против“, а двајца беа воздржани. Запрашан за изборот и програмата на новиот обвинител, Бесими изјави дека му дале шанса на Фидоски затоа што на интервјуто покажал добри резултати.

„Фактички, избраниот кандидат на интервјуто покажа добри резултати, поради што членовите оценија дека треба да му се даде шанса и сега му ја дадовме таа шанса.“, вели Башким Бесими.

Во трката беше и досегашниот раководител Гаврил Бубевски, кој се пласираше на второто место со пет гласа, додека Трајчевска и Андонова добија по еден глас, а кандидатот Петрески не доби ниту еден глас. Коментирајќи го својот „воздржан“ глас за кандидатот Бубевски, Бесими појасни дека тоа е вообичаена практика во рамките на Советот, иако не е јасно уредена во постојната законска рамка. Тој додаде дека Советот инсистира ова прашање да се регулира со новиот закон, со цел да се избегнат нејаснотии во иднина.

„Воздржувањето често се користи при гласање. Актуелниот закон јасно не ја регулира оваа форма на изразување на волјата и ние инсистираме тоа да се вклучи во новиот закон, за јасно да се знае дали е ‘за’ или ‘против’. Воздржаниот глас е практика, непишано правило.“, вели Башким Бесими.

Покрај изборите во Скопје, Советот на јавни обвинители на денешната седница, со 10 гласа „за“, го реизбра Бесир Алиу за шеф на Основното јавно обвинителство во Тетово.

Инаку, новоизбраниот раководител Анел Фидоски има 11 години работно искуство и е познат по неговата вклученост во неколку кривични предмети од висок јавен интерес. Меѓу најпознатите се истрагата за убиството на Никола Саздовски, член на навивачката група „Комити“, како и предметот познат како „Делови за тенкови“ против поранешниот премиер Владо Бучковски, кој заврши со застарување по преквалификација на кривичното дело. Изборот на новиот обвинител доаѓа во турбулентен период за правосудниот систем, проследен со значајни кадровски промени. Овие случувања следуваат по оставката на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски и именувањето на Анита Тополовска Исајловска за вршител на должноста на оваа функција.

ИЗДВОЕНИ