Андреј Анѓелковиќ, за збирката „Чергар“, e добитник на наградата „Млада Струга“, која ја доделува поетската манифестација „Струшки вечери на поезијата“, во соработка со Јуроп хаус и со поддршка од Делегацијата на Европската Унија во Македонија. Ова признание се доделува за најдобра необјавена поетска збирка од млад автор дебитант. Наградата „Млада Струга“ има цел да ја поддржи младата поетска сцена и да им даде видливост на новите гласови со свежи поетски перспективи.
Збирката „Чергар“ на Анѓелковиќ носи длабока, симболична и храбра поезија.
– „Чергар“ е поетски глас на современиот номад, трагач по дом, слобода и смисла. Поезијата зборува од името на скитникот, осаменик, но и на секој што не се откажува од човечноста. Во свет полн со болка, „Чергар“ е нежен глас и верен самарјанин – објави фестивалот СВП.
Андреј Анѓеловиќ (Куманово) пишува проза и поезија. Тој посочи во една пригода дека преку апстрактните делови на темнината се обидува да ги претстави вистинските слабости на реалноста на еден затскриен начин, со надеж дека ќе се освестиме за мракот што самите го создаваме.
Ви ја претставуваме песната „Номад“ од добитничката дебитантска книга.
НОМАД
Меѓу племињата
на ридот кои се беа
распослале
во ладовина, врз
гороцвет ја фрлив
мојата черга.
Со српот што замавнува
и пресекува парчиња од космосот
пробав да се бележам.
Пробав да ставам трага на
слобода врз плеќиве, белег ко од
роденче уште даруван.
Меѓу племињата на ридот
каде што се беше
распослала секоја
молитва за спокој
останав номад
кој не знаеше за
својот дом. Останав
сирак
кој се растегнуваше кон
космосот само за да ја
целива таму слободата.