Италијанецот Андреа Ферето, 40-годишник кој вообичаено заработува 1.100 евра месечно, остана без зборови кога на неговата домашна адреса пристигнала картичка со „честитки“ во вредност од 28.000 евра.
Ферето бил фатен од камера како пребрзо вози и тоа повеќе од 100 пати за само шест месеци, што го натерало да побара од полицијата да го преместат на друга локација.
„Поминував покрај тој радар двапати на ден во текот на шест месеци, секое утро и секоја вечер, а тој беше сместен на кривина и скриен зад жива ограда висока три метри“, изјави Андреа за новинскиот портал IlNazionale.
„Направив грешки, но не можете да ми кажете дека ме фаќале секој ден и дека добив сто казни за шест месеци“, продолжи човекот од северна Италија, кој привремено работел за компанија за обезбедување во супермаркет кога камерата го фатила, што се случило во 2021 година.
Тој продолжи велејќи дека ја доведува во прашање легалноста на казните бидејќи, според пресудата на италијанскиот Касациски суд, радарските уреди мора да бидат поставени на видно место и однапред објавени.
„Тоа не беше случај овде и сега го молам судот да го премести уредот. Сакам да ги предупредам другите. Не сакам она што ми се случи мене да им се случи и ним“, рече Италијанецот.
За жал, неговиот адвокат му рече дека нема повеќе помош:
„Правно, предоцна е за поднесување жалби. Сега мора да сфатиме кога и како да почнеме да ги плаќаме сите овие казни“, додаде адвокатот, изразувајќи надеж дека властите ќе имаат разбирање и ќе ја намалат казната.
Ферето почнал да добива казни во 2022 и 2023 година, но тој нагласил дека во тоа време многу патувал и често не ги наоѓал писмата.
Признава, некои од нив ги чувал настрана сè додека конечно не добил пошта од покраинската администрација. Во неа пронашол документ со список на сите прекршоци и казна од 28.000 евра.