Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, изјави дека Владата во моментов не размислува за ограничување на пристапот до социјалните мрежи за малолетници до 15 години, оценувајќи дека таквата мерка би била премногу радикална и би значела мешање на државата во основните права и слободи на граѓаните.
Одговарајќи на новинарско прашање на настан во Прилеп, организиран по повод Денот на побезбеден интернет, Андоновски посочи дека иако во некои европски земји се водат дискусии за вакви ограничувања, во Македонија засега фокусот е ставен на превенција и родителска контрола. Тој потсети дека минатата година, во рамките на едукативен проект, во училиштата биле претставени алатки со кои родителите можат да контролираат кои апликации ги користат нивните деца, колку време поминуваат на интернет и какви содржини следат.
Според министерот, целта е родителите да ја задржат контролата врз користењето на дигиталните уреди, наместо државата да воведува забрани што би можеле да се протолкуваат како мешање во приватниот живот на семејствата. Сепак, тој нагласи дека постои можност за отворање поширока јавна дебата доколку родителите покажат поголем интерес или загриженост за ова прашање, вклучително и преку јавна расправа или анкети.
Андоновски додаде дека законски измени не се исклучени, но предупреди дека забраните треба да бидат последна мерка, бидејќи носат ризик од ограничување на слободата на говор и изразување. Како приоритет, тој ги посочи едукацијата, превенцијата и родителскиот надзор.
Во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на побезбеден интернет, во прилепското основно училиште „Кире Гавриловски – Јане“ беше организиран настан со кој се заокружува проектот за воспоставување Центар за побезбеден интернет во Македонија, поддржан од програмата „Дигитална Европа“ и Европската Унија. Центарот ќе обезбеди линија за поддршка на млади, родители и наставници за полесно справување со предизвиците на интернет-просторот.
Според најавите, за околу еден месец се очекуваат конечните резултати од проектот вреден 600 илјади евра, по што се планира и втора фаза со поддршка од Европската Унија во вредност од околу еден милион евра.












