Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, се обрати на панелот посветен на вештачка интелигенција и иновации во рамки на министерскиот состанок за земјите од Западен Балкан што се одржува во Подгорица, организиран од Европската комисија.
– Иновацијата веќе не е само технолошко прашање – таа е економско, општествено и стратешко прашање. Со ИНОВА – националниот механизам за иновации и претприемништво, обезбедуваме кохерентност, интеграција и инклузивност на сите нивоа, изјавил Андоновски.
Како дел од новата инфраструктура, бил истакнат и INNOFEIT EDIH – првиот Европски центар за дигитални иновации во Македонија, кој преку Програмата „Дигитална Европа“ обезбедува поддршка за мали и за средни претпријатија во форма на пристап до капацитети за вештачка интелигенција, дигитални близнаци, менторство и обука.
Посебен акцент бил ставен на новата Национална фабрика за вештачка интелигенција – „Везилка“, финансирана преку програмите „Хоризонт Европа“ и „Еуро ХПЦ“, која ја поврзува Македонија со европската АИ-мрежа, вклучувајќи пристап до суперкомпјутери, заеднички податочни простори и обуки за клучни сектори.
– Како што рече претседателката Фон дер Лајен – „иднината на вештачката интелигенција треба да се создаде во Европа“. Од Скопје, би додал – „понекогаш таа иднина треба да се создаде токму тука, дома – но со Европа како наш партнер и со европските вредности како наш водич“, заклучи Андоновски.