Дигитализацијата да биде достапна за сите, да стигне до секоја општина и до секој граѓани. Дигиталните услуги мора да стигнат и до најоддалечените места, порача министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, од Кочани.
Министерот истакна дека целта е да се обезбеди подобра дигитална поврзаност токму таму каде што граѓаните секојдневно се движат, учат, работат и се дружат – на јавни простори како плоштади, паркови, библиотеки, училишта и културни институции.
– Кога бев тука претходно, зборувавме за потребата Кочани да добие бесплатни интернет-зони и јасно кажавме дека овој регион ќе биде меѓу нашите приоритети. Денес, со поддршка од нашите пријатели, го претвораме тоа во дела. Она што го ветивме, како и многу пати досега, го испорачуваме – рече Андоновски.
Со иницијативата „WiFi4WB“, се обезбедува бесплатен јавен вах-фај во 64 општини низ државата. Тоа значи бесплатен интернет-пристап на јавни простори: плоштади, паркови, библиотеки, училишта и културни институции, каде што граѓаните најмногу имаат потреба од поврзаност.
– Ова е алатка за еднакви можности, за полесен пристап до дигиталните услуги и информации, за поддршка на учењето и образованието, за помош на локалните бизниси, за подобро искуство на посетителите и најважно – за намалување на дигиталниот јаз и поголема социјална вклученост – изјави министерот и посочи дека ваквите проекти се дел од пошироката заложба на институциите дигиталните услуги и можности да бидат подеднакво достапни, без разлика дали живеат граѓаните во Скопје или во помалите општини.
Андоновски најави дека наскоро Кочани ќе добие нов центар за услуги и дека Министерството продолжува со активностите и проектите што ќе ја забрзаат дигиталната трансформација на локално ниво, со фокус на реалните придобивки за граѓаните и за општините во целата држава.












