Општина Кисела Вода и оваа година продолжува со убавата традиција. Секое прваче во Кисела Вода ќе добие квалитетно анатомско ранче и училиштен прибор.
Од Општината информираат дека околу 600 дечиња од осумте основни училишта на територија на Општината, кои годинава првпат ќе седнат во училишните клупи, ќе добијат ранче, тетратки и сè што им е потребно за успешно да го започнат своето образовно патување.
– Проектот што го започнавме токму кај нас, денес е пример што се прошири речиси низ цела Македонија. Го креиравме со цел да им дадеме вистинска поддршка на семејствата. Првиот училиштен ден е посебен момент, исполнет со радост, возбуда и гордост за децата, но и за родителите. Тој ден треба да остане во сеќавање по детската насмевка, а не по финансиските грижи – истакна градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Тој ги известува сите родители дека нема потреба да купуваат ранци и прибор и оти нема никакви критериуми, ниту административни процедури, бидејќи оваа мерка важи за сите првачиња од Општината.