
| И додека Блискиот Исток гори, какви последици може да очекува Македонија? На оваа тема, за весникот ВЕЧЕР анализираат воени експерти според кои војната меѓу Иран од една страна, и САД и Израел од друга страна, ќе предизвика големи економски и миграциски последици од кои нема да биде поштеден ни регионот |
По заедничката акција на САД и Израел за напад на Иран, по што следуваа одмазднички напади на Техеран кон Израел и кон американските бази во регионот, македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија формираше кризен штаб кој континуирано ќе ја следи состојбата со случувањата на Блискиот Исток. Кризниот штаб, велат од Министерството, е достапен 24 часа дневно за сите потреби поврзани со помош, поддршка и асистенција на македонските државјани.
Оттаму апелираа до сите македонски државјани кои се наоѓаат во погодените подрачја внимателно да ги следат официјалните известувања на надлежните институции и строго да постапуваат согласно со безбедносните протоколи. Од ресорното Министерството вчера соопштија дека до дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, единаесет македонски државјани официјално побарале евакуација од Израел. Покрај преку Амбасадата во Тел Авив, Министерството е во континуирана комуникација и е целосно на располагање на македонските државјани за потребна помош и координација и преку дипломатско-конзуларните претставништва во Доха (Катар) и во Абу Даби (Обединетите Арапски Емирати).
Македонската претседателка, Гордана Силјановска, пак, за синоќа го свика Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата кое ги разгледува прашањата поврзани со безбедноста и одбраната на државата и дава предлози на Собранието и на Владата.

Генерал Котески: Не се исклучува дејство на радикални групи или поединци
И додека Блискиот Исток гори, какви последици може да очекува Македонија? На оваа тема, за весникот ВЕЧЕР анализираат воени експерти според кои, војната меѓу Иран од една страна и САД и Израел од друга страна ќе предизвика големи економски и миграциски последици од кои нема да биде поштеден ни регионот.
– Оваа војна, иако не е објавена, може да има одредени реперкусии и врз нашиот регион. За Македонија нема непосредни директни закани, но Македонија како транзитна земја може да се соочи со зголемен број бегалци што би претставувало дополнителен притисок на инфраструктурата како што се здравството и социјалното осигурување. Притоа не треба да се исклучи ниту одредено дејство на радикални групи или поединци. Секое поскапување на нафтените енергенси во светски рамки влијае и на цените на нафтата во Македонија. Од друга страна, Македонија како членка на НАТО може да биде принудена да се приклучи кон одредени санкции или дипломатски притисоци кон Иран, но исто така, ако НАТО евентуално се ангажира, и Македонија може да биде опфатена во таа политика, вели поранешниот началник на Генералштабот на АРМ, генералот Горанчо Котески. Потсетува дека ако дојде до натамошни воени операции, а особено затварање на Ормутскиот Теснец, ќе дојде до зголемување на цената на нафтените енергенси на светските пазари. Генерал Котески за весникот ВЕЧЕР посочува дека ако овој конфликт не е контролиран, тогаш во понатамошниот период од војната, влијанието на регионалните и светски сили ќе биде уште поголемо земајќи ги предвид нивните интереси.

Генерал Хаџи Јанев: Можна ескалација заради одмаздничките напади на Иран
Универзитетскиот професор, генералот Методи Хаџи Јанев, вели дека засега не постојат изгледи дека нашиот регион би имал поголеми последици, но и тој ги посочува економските импликации кои ќе сигурно ќе се почувствуваат.
– Засега не постојат изгледи дека нашиот регион би имал поголеми последици, освен што граѓаните на земјите од регионот може да настрадаат во овие напади или евентуално да има некоја трговска последица. Во економска смисла, пак, може да се почувствуваат последици ако овој конфликт прерасне во подолготраен регионален конфликт кој ќе има импликација на цената на горивото. Тоа значи дека е можен каскаден ефект и е условен од времетраењето на евентуалниот конфликт кој може да пламне, изјави генерал Хаџи Јанев за весникот ВЕЧЕР. Тој додава дека е сè поизвесно дека ситуацијата може регионално да ескалира особено заради одмаздничките напади на Иран врз регионот и се надева дека на тоа ќе остане.
– Условно, и Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија, како и Катар сакале или не, се внесени во конфликтот бидејќи се жртва на одмаздничките напади на Иран. Дали конфликтот ќе остане на ова, ќе зависи од тоа колку долго Кина ќе може да остане без вториот канал за енергетско снабдување, бидејќи по Венецуела, интервенцијата врз Иран освен за заштита на Израел и регионот е за спречување или за изолација на Кина да има непречени енергетски извор кој ѝ го трасира патот во геостратешкиот натпревар со САД во дигиталната и економската сфера. Но тоа ќе зависи од тоа како двете страни ќе успеат да ги ефектуираат своите воени доктрини кои се различни во моментот (доминација од воздух наспроти форсирање на ракетна супериорност која има асиметрична димензија многу евтина комбинација на беспилотни летала и ракетни системи наспроти скапи летови и противракетни штитови на двете страни), анализира Хаџи Јанев.
Генерал Арсоски: Промената на режимот е примарна цел, уништување на нуклеарната програма е наредна цел
Пратеникот генерал Павле Арсоски, кој е претседател на собраниската комисија за одбрана и безбедност, смета дека на глобално рамниште, Кина во моментов не е ниту во можност ниту има способности да му помогне на Иран. Истото, според него, се однесува и на Русија, која е исцрпена со војната во Украина.
– На регионален план, Пакистан, кој во минатото соработувал и му давал поддршка на Иран, е зафатен и дефокусиран со погранични вооружени инциденти со Авганистан, што исто така не може да се смета за случајност, туку повеќе за некаква координираност. Сунитските арапски држави во регионот на кои им се придружи и Саудиска Арабија, главно, ја подржуваат операцијата бидејќи го сметаат Иран за проблематичен сосед со децении наназад. Јасно дека САД и Израел веќе нема да го толерираат Иран како најголем спонзор држава на тероризмот и прокси вооружените формации во изминатите децении во регионот и во светот да продолжи понатаму. Промената на режимот е примарна цел. И јасно е дека во ниеден случај нема да дозволат Иран да изгради нуклеарна бомба. Уништување на иранската нуклеарна програма е наредна цел, вели генерал Арсоски за весникот ВЕЧЕР.
Според генералот Котески, убиството на врховниот лидер, Али Хамнеи, ја прави ситуацијата уште посложена затоа што таа претставува историски пресврт во политичката структура на Иран, особено ако се земе предвид дека во иранското општество постои еден дел од населението кој не го поддржуваше врховниот лидер и се залагаше за промена на режимот.
– По убиството на Хамнеи е можно да дојде до внатрешни судири на одредени политички и воени групи за превласт и промена на режимот, и ова е, можеби, најголемата опасност за Иран во наредниот период. Иран не може да биде победен и не може да се промени режимот ако САД немаат поддршка од одредени слоеви во општеството, односно ако не дојде до масовни народни демонстрации. Додека војната продолжува, Иран ќе биде уште повеќе правно и политички нестабилен поради избор на нов врховен лидер, вели генерал Котески.
Дека операцијата на САД, „Епски гнев“, синхронизирана и координирана со операцијата на Израел, „Лавовски рик“, овој пат за цел нема примарно сопирање и уназадување на иранската нуклеарна програма, како што тоа беше случај со операцијата „Полноќен чекан“ од јуни 2025 година, туку дефинитивно е уривање на режимот на Иран, смета и генерал Арсоски.
– Ударите на САД и Израел, овој пат, не се по локациите каде што се развива нуклеарната програма на Иран, туку на локациите на раководството на Исламската Република, складовите и логистичкиот синџир на снабдување со ракети и друго вооружување и, секако, против воздушните системи на Иран. Во првиот удар обезглавено е комплетното верско, политичко и воено раководство на Иран. Информациите кои чекаат потврда зборуваат за околу 40 највисоко позиционирани лидери на Иран, меѓу кои и ајатолахот Хамнеи, командантот на иранската револуционерна гарда, министрите за правда, за одбрана и многу други. Очигледно е дека оперативци на МОСАД и ЦИА подолг период се инфилтрирани во Иран, пренесувајќи големо количество точни разузнавачки информации за движењето на ајатолахот и раководството на Иран. Поради тоа, првичниот удар на Израел успеа да го погоди објектот каде што ајатолахот и раководството одржувале состанок, вели Арсоски.
За него, интересно е дека ударот почна во рани утрински часови, значи во дневно време, а не ноќе, како што досега беше вообичаено. Тоа е, на одреден начин, фактор на изненадување, но и доказ за технолошката супериорност на американската и израелската воена технологија. Според него, од редоследот на операцијата се забележува очигледно следење на чекорите од операцијата на САД за заробување на претседателот на Венецуела Мадуро, кое се покажа ефикасно и сега се применува на Иран. (Е. А.)











