Ана Винтур (75), поранешната главна уредничка на модното списание „Вог“ (Vogue), неодамна, во поткастот „The Run – Through with Vogue“, зборуваше што мисли за филмот „Ѓаволот носи Прада“, кој беше инспириран од работата на нејзината асистенка, Лорен Вајсбергер.
Филмот „Ѓаволот носи Прада“ е снимен врз основа на истоимениот бестселер од 2003 година, од Лорен Вајсбергер, која претходно работеше како лична асистентка на Ана Винтур во „Вог“. Во филмот се раскажува приказната за амбициозна писателка, која ја игра актерката Ен Хатавеј, и која наоѓа работа во врвно модно списание под водство на „сурова“ уредничка.
Водителот на поткастот, Дејвид Ремник, ја праша Винтур дали била „повредена“ од филмот кога излегол првпат и дали го прифатила на крајот.
– Па, отидов на премиерата облечена во „Прада“, апсолутно немајќи поим за што ќе биде филмот. И мислам дека модната индустрија беше многу загрижена за мене, дека филмот ќе ме прикаже во некаква тешка светлина. Но, пред сè, Мерил Стрип ја играше главната улога, на Миранда Пристли, главен уредник на измисленото модно списание „Runway“, што беше фантастично. Кога го гледав филмот, ми се чинеше многу пријатен и многу смешен – објасни Винтур.
Таа сподели дека многу разговарала за филмот со пријателка и на крајот дошла до заклучокот дека го постигнал она што го зацртал и дека таа нема никакви негативни чувства.
– Мислам, слушајте, имаше многу хумор во него. Имаше многу духовитост. Ја имаше Мерил Стрип, потоа Емили Блант, која ја играше Емили, асистентката на Пристли. Мислам, сите беа неверојатни – додаде таа.
Поткастот доаѓа по неколку месеци откако се повлече Винтур од својата позиција како главен уредник на „Вог“, која ја држеше од 1988 година. Сепак, Винтур ќе продолжи во матичната компанија, како глобален главен директор за содржини на компанијата и како глобален уреднички директор во „Вог“.
– Кога станав уредник на „Вог“, бев желна да им докажам на сите дека постои нов, возбудлив начин да се замисли американско модно списание. Сега, сметам дека мое најголемо задоволство е да ѝ помагам на следната генерација страсни уредници да го освои полето со свои идеи – изјави Винтур во јуни.
Инаку, снимањето на продолжението на ова остварување насловено „Ѓаволот носи Прада 2“ започнува на 1 октомври и ќе трае до 16 октомври, а прва локација е елегантниот „RG Showroom“ во Милано. Снимањето ќе се одвива меѓу Њујорк и во Италија, а премиерата на филмот е закажана за 1 мај 2026 година, само два дена пред гламурозниот настан „Мет гала“.
Фото: EPA/EFE и IMDB