Ана Трајковска, асистент на Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет – Скопје е добитник на Наградата за млад уметник од Фондацијата Јанкуловски. Ова признание ѝ беше доделено вчера, на отворањето на групната изложба на слики, цртежи и објекти, насловена „Остенови уметници на годината 2025“, која во наредниот период ќе може да се проследи во галеријата „Остен“, во Скопје.

На изложбата се претставени делата на добитниците на наградите за 2025 Жанета Вангели, Мице Јанкуловски, Синиша Кашавелски, Блаже Крстаноски-Блажески, Свето Манев, Миро Масин, Ристо Мијакоски, Томе Мишев, Данчо Ордев, Станко Павлески, Ирена Паскали, Симонида Филиповска Китановска, Роберт Цветковски и Ана Трајковска, која наградата за млад уметник ја добива за своето дело „Столбови“, во комбинирана техника колаж од графика со цртеж.

Гордана Вренцоска и наградената Ана Трајковска

Оваа награда, секако, има големо значење за мене затоа што е забележан трудот што го вложувам и претставува валоризација на она што го правам како уметник. Ова признание е важно и како можност да се даде глас на младите, а особена чест е што на изложбата, моето дело е претставено заедно со делата на еминентните македонски автори, вели Трајковска. Нејзиното дело, како што посочува, претставува продолжение од самостојната изложба минатата година во „Мала станица“, каде што таа се претстави заедно со Доротеј Нешовски.

– Моето дело ги претставува петте најважни столбови потребни едно општество да функционира, како правдата, економијата, образованието, здравството и културата.  Делото укажува на тоа какви се тие столбови, што значат, како и дека сè се сведува на верба за опстојување, вели Трајковска.

Од „Остен“, пак, посочуваат дека манифестацијата има за цел да го поттикне развојот на македонската современа уметност и да создаде простор за дијалог меѓу различни генерации и естетики. Според организаторите, изложбата не е само презентација на дела, туку средба на визии, идеи и емоции што го обликуваат актуелниот уметнички контекст.

„Годишниот избор на ’Остен’ се доживува како признание за постигнатото, но и како пресек на динамичниот и разновиден уметнички дух што се развива во земјата. (Д. Т.)

Фото: П. Стојановски

 

ИЗДВОЕНИ