– Сакам да верувам дека наспроти оваа општа летаргија и барање оправдување да не се поставуваат македонски драми кај сите, ќе ги инспирираме и режисерите и театрите да ги постават драмите и дека ќе внимаваат многу повеќе на чување на македонската драма и на македонската култура, вели за весникот ВЕЧЕР, Ана Стојаноска, директорка на МТФ „Војдан Чернодрински“ по повод промоцијата на книгата „Драмолетање“, во која се претставени четири драми од нова генерација македонски драмски автори
– Еден театар треба да има своја репертоарна политика. Имаме вработени драматурзи во театрите. Треба да се читаат нови драми, треба да се читаат и драми од минатото. Ние имаме одлична драматика. На пример, големи автори се поставени само еднаш. Проблемот е и во нечитањето. Најлесно е да се постави најпопуларниот европски автор, на пример, Зелер денес (искрено веќе не гледам поента зошто е поставуван на нашите сцени). Наједноставно е режисерот да нè запознае со неговиот омилен филм, па да го направи во театарска адаптација. Но, ако имаме сериозна репертоарна политика, ако внимаваме на македонската драма, ако следиме што се пишува, (еве, јас имам напишано три драми, две се наградени, никој не пројавил желба да ги постави), тогаш веќе ќе зборуваме за сериозна репертоарна практика, вели за весникот ВЕЧЕР, Ана Стојаноска, директорка на МТФ „Војдан Чернодрински“ и професорка на Факултетот за драмски уметности, по повод книгата „Драмолетање“ во која се претставени четири драми од нова генерација македонски драмски автори.
„Драмолетање“, што е во издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, и чиј приредувач е Петар Антевски, ги содржи драмите „Голи души“ од Иван Додовски, „Ложа“ од Марио Стојаноски, „Хитлер е жив“ од Ева Камчевска и „Чудесен лек“ од Коста Бојчески. Книгата е резултат на истоимената програма „Драмолетање“, реализирана во рамки на годинашниот фестивал „Војдан Чернодрински“, која им даде можност на авторите да се сретнат со режисери, продуценти и театри и да ги претстават своите драмски текстови.
– Програмата „Драмолетање“ ја креираше Петар Антевски, продукцискиот координатор на нашиот фестивал. Сметам дека тоа е една од најважните фестивалски активности. Како логичен резултат на програмата е и објавувањето на книгата „Драмолетање“ со четирите драми што го поминаа процесот на селекција и беа презентирани на пичинг-форумот, вели Стојаноска.
Четирите драми беа избрани според три критериуми – релевантност, оригиналност и продукциска вредност од комисијата во состав Шенај Мандак (режисерка), Ангела Стојановска (глумица) и Петар Антевски (продуцент).
Книгата „Драмолетање“, пак, неодамна, низ читачка промоција, беше претставена на ФДУ каде, со четирите драми поблиску беше запознаена и присутната публика.
Како што истакнува Стојаноска, на промоцијата присуствувале и театарски режисери и претставници на неколку театри.
– Но не онолку колку што јас очекував. Бидејќи имам лична мисија да ја промовирам и да ја презентирам македонската драма, сакам да верувам дека нашите театарски режисери, продуценти и директори на театри ќе почнат да размислуваат „надвор од кутијата“ и дека ќе ги прочитаат овие драми и ќе ги постават на сцена. Ние, како фестивал, направивме мост меѓу драмските автори и театрите, сега е на режисерите и на театрите да го сработат својот дел од задачата. Лично сум ја посочила книгата на многу режисери. Направена е намерно да е достапна за сите, не се плаќа и може да се прочита на нашата интернет страница www.mtf.com.mk, додава директорката на фестивалот „Војдан Чернодрински“.
Вели дека сè уште нема сознанија дали по промоцијата има заинтересирани режисери за поставување на некои од овие драми на сцената.
– Се надевам дека ќе ги има. Сакам да верувам дека наспроти оваа општа летаргија и барање оправдување да не се поставуваат македонски драми кај сите, ќе ги инспирираме и режисерите и театрите да ги постават драмите и дека многу повеќе ќе внимаваат на чување на македонската драма и на македонската култура, додава таа.
Смета и дека коренот на проблемот е многу подлабок и системски. Прашана за тоа дали се потребни почести средби на режисерите со авторите, за размена на идеи и поттикнување поголема и поквалитетна продукција на нови драми, Стојаноска вели дека Факултетот за драмски уметности има одлична практика на заедничка соработка, а студентите од сите групи се познаваат и соработуваат меѓусебно.
– Одржуваме и работилници и средби, во иднина се надевам и на повеќе драмски читања. Проблемот се зголемува по завршувањето на факултетот и, како што споменав претходно, тој е системски и треба од корен да се решава. Проблем за немањето македонска драма на сцена не е недостатокот од работилници и средби, туку недоволното познавање на напишаните драми, некреирањето на репертоар во зависност од ансамблот и театарот и немање стратешки концепт за развојот на македонскиот театар. Затоа сметам дека како театролог треба гласно да кажам дека комуникацијата меѓу авторот и театарот треба да е отворена и затоа е, всушност, и смислена целата програма „Драмолетање“, истакнува Стојаноска.
Според приредувачот на книгата, Антевски, секој од четирите текстови поместени во книгата „Драмолетање“ носи специфичен авторски глас и отвора простор за ново сценско истражување – од интимни прашања, преку социјални и политички теми, до хумор и апсурд.
– Со оваа книга не само што ја претставуваме новата генерација драмски автори туку и поставуваме темели за идни соработки и нови претстави. Современата македонска драма е најзапоставениот сегмент во македонскиот театар. Иако постои силен творечки потенцијал, голем дел од новите драмски текстови ретко стигнуваат до сцената. Така се роди програмата „Драмолетање“, а првиот повик покажа колку е ова потребно – пристигнаа 14 драми со различни теми и стилови – додава тој.
Инаку, МТФ „Војдан Чернодрински“ деновиве објави отворен повик за драмски автори за „Драмолетање“ 2.0. Повикот е за учество на второто издание на пичинг-форумот „Драмолетање“, што ќе се одржи за време на 60. издание на фестивалот во јуни 2026. Апликациите ќе бидат оценети од страна на стручна комисија која ќе одбере драми врз основа на нивната оригиналност, релевантност и продукциски потенцијал. Избраните автори ќе имаат можност да учествуваат во менторска подготовка за својата презентација, да ги претстават своите драми пред стручна публика, режисери, драматурзи и продуценти, како и да воспостават контакти за понатамошна продукциска реализација. Пријавите треба да се испраќаат на e-пошта: [email protected], со назнака „Пријава за Драмолетање 2.0 – [име и презиме на авторот и наслов на драмата]“. Рокот за пријавување е до 1 март 2026 година. Резултатите од повикот ќе бидат објавени на www.mtf.com.mk најдоцна до 15 мај 2026 година. (Н.И.Т.)