– Авторот во фокус, Дејан Дуковски, ќе биде наш гостин и заеднички ќе придонесеме за поголема афирмација на македонската драма. Освен постојаните активности на фестивалот, снимаме документарен филм кој треба да ја отслика историјата на фестивалот, но и да ни помогне во понатамошното креирање на современиот македонски театар. За мене, овој јубилеј е можност да се направи своевидна ретроспектива на претходниците, исклучителните театарски уметници кои го создале фестивалов и го одржувале со години, како и да се создаде мост кон иднината, која треба да ја донесат нашите наследници – вели Ана Стојаноска, уметнички директор на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, чие јубилејно 60. издание, оваа година ќе се одржи од 5 до 12 јуни во Прилеп, недела порано од претходно најавеното

– Кога се слави голем јубилеј како што се шеесет години на најстариот и најзначаен театарски фестивал во Македонија, треба да се биде храбар и да се бара нешто ново, нешто што е потреба по еден, ајде да го наречеме, период на барање на својата естетика. Слично како во светот на Хаксли, нашиот театар е диктиран од одредена политичка констелација. Театарот, сам по себе, треба да е став, гласен, надвор од секоја кутија, од секоја комфорна зона. Затоа и мотото на јубилејното издание е тоа: Храбриот нов театар! според насловот на, денес, култниот роман на Хаксли – „Храбриот нов свет“ (1932), вели Ана Стојаноска, уметнички директор на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, чие јубилејно 60. издание годинава ќе се одржи од 5 до 12 јуни во Прилеп, недела порано од претходно најавеното. Ова било одлучено на Собранието на фестивалот, што се одржало минатата недела.

Како што образложува Стојаноска, во фокус на јубилејното издание е почитта кон минатото и отворањето на можностите на иднината, мостот меѓу традицијата што ја наследуваме и иднината што ја креираме.

Од минатогодишното отворање на МТФ „Војдан Чернодрински“

– Шеесетгодишниот јубилеј е точката во која се спојуваат минатото и иднината, традиционалната театарска приказна и новата виртуелна реалност, со надеж дека кога ќе излеземе од комфорната зона, ќе можеме да се охрабриме да го креираме нашиот нов свет/театар. Храбриот нов театар е нашиот крик против поларизацијата, против рамнодушноста и против некреативноста!

Посочува и дека сериозен театарски фестивал не смее да дозволи општата рамнодушност да му го заземе местото на театарот без желба да менува или да провоцира.

– Логично е, по претходните фестивалски изданија, водени од мотивите „Враќање дома“, „Промени се, промени сè“ и „Смеј се и осмели се“, да ја бараме главната нишка на театарската и уметничка дејност преку храброста врз основа на антиутопистичката идеја. Играта со зборови во која театарот е светот, поточно светот е театар, е само природен резултат на она што фестивалот го гради со години, истакнува таа.

Додава дека во тек се подготовките за годинашното издание, а фестивалскиот тим активно работи за достоен јубилеј, креативна програма, но и да се комплетира идејата за Прилеп како град театар.

Како што е познато, на 60. издание, еден од највлијателните и најизведувани македонски драмски писатели, Дејан Дуковски, ќе биде Автор во фокус, а фестивалот ќе му посвети ден кога со различни содржини ќе биде нагласено неговото значење за македонската театарска меморија и култура.

Дејан Дуковски и Ана Стојаноска

– Авторот во фокус – Дуковски, ќе биде наш гостин и заеднички ќе придонесеме за поголема афирмација на македонската драма. Освен постојаните активности на фестивалот, снимаме документарен филм кој треба да ја отслика историјата на фестивалот, но и да ни помогне во понатамошното креирање на современиот македонски театар. За мене, овој јубилеј е можност да се направи своевидна ретроспектива на претходниците, исклучителните театарски уметници кои го создале овој фестивал и го одржувале со години, како и да се создаде мост кон иднината, која треба да ја донесат нашите наследници – вели Стојаноска и додава дека фестивалот ќе ја презентира современата театарска продукција во насока на создавање нова естетика.

Најавени се и промоции, дискусии, тркалезни маси кои ќе се одржуваат по секоја од претставите, а ќе се реализира и програмата „Драмолетање“ 2.0., која се востанови минатата година. Станува збор за платформа за поддршка и промоција на македонската современа драма, наменета за сите драмски автори што сакаат да ги претстават своите дела пред театарските професионалци, режисери, продуценти и национални театри за време на фестивалот. Повикот на кој можат да се пријавуваат драмски автор(к)и е веќе отворен, а рокот за пријавување до 1 март.

Покровител на фестивалот ќе биде претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а и годинава ќе се реализира со поддршка на Министерството за култура и Град Прилеп. (Н. И. Т.)

ИЗДВОЕНИ