Познатата македонска оперска двојка, Ана и Игор Дурловски, со новогодишни концерти на 16 и 17 декември во Националната опера и балет, ќе одбележат 25 години оперска кариера. Тие ќе настапат со симфонискиот оркестар „Ајга”, под диригентство на Ана Спасовска, а ќе изведат избор љубовни песни од македонската музичка традиција, во нови аранжмани, кои за оваа пригода ги направи композиторот Сони Петровски.
– Нивната, навидум, едноставна лирика, полна со скриени пораки, нивната звучна колоритност, како и силната експресија на народниот бит врежан во нашата колективна меморија, едноставно – нивната магија, овој пат ќе биде донесена во едно поинакво руво. Љубовта, онаа наивна, чиста, недопрена, онаа остварената, но и неостварената, копнежот, страста, а од друга страна зависта, па и болеста и смртта, или чувството на љубовта во сите нејзини варијанти, ќе биде испеана од славните оперски грла на Ана и Игор Дурловски. Уникатноста на овој музички настан ја дава токму спојот на италијанското белканто, со кое се посветува внимание на убавината на тонот, со звуците на традиционалната мелоритмика, стои во најавата за концертот.
Концертот по повод четврт век уметничка дејност, Дурловски го најавија и со видеопорака на „Фејсбук“ од Златната сала во „Музикферајн“ во Виена, каде што неодамна беа солисти на концертот на Македонската филхармонија.












