
Поразот на Манчестер Јунајтед од Брентфорд со 3:1 повторно го стави менаџерот Рубен Аморим под сериозен надзор и во центарот на вниманието.
Поразот покрена сомнежи за неговите тренерски способности, но и за неговата ментална состојба.
Откако го презеде тимот минатата сезона, португалскиот стручњак сè уште не успеал да забележи две последователни победи во лигата.
Поради таа негативна низа Манчестер Јунајтед моментално е на средината на табелата и на тој начин се продлабочи незадоволството кај навивачите на „црвените ѓаволи“.
Според порталот „CentreDevils“, кој е специјализиран за следење на Манчестер Јунајтед, Аморим бил опишан како „осамен човек“ во тренинг центарот во Карингтон.
Често се вели дека се дистанцира од своите играчи за време на тренинзите и седи во тишина со часови по поразите.
Еден извор дури сугерира дека притисокот од работата го оставил „ментално скршен“, претворајќи го во сенка на харизматичната фигура што пристигна од Спортинг. Исто така се додава дека атмосферата во клубот наводно е на најниската точка во последните години.
Постојат растечки сомнежи за способноста на Аморим да ја сврти сезоната и да го разбуди заспаниот гигант кој беше страв и трепет кога играше на „Олд Трафорд“ но и на другите стадиони во Премиер лигата.
Иако во моментов не се очекува Јунајтед веднаш да го отпушти 39-годишниот менаџер, притисокот расте и прашање е на време кога ќе дојде финалната реакција на клупските челници.
Високи клупски извори тврдат дека нема активни разговори за неговиот наследник и ги отфрлаат шпекулациите за потенцијалните кандидати. Проблем плус е и фактот дека Јунајтед ќе мора да му исплати сериозна парична сума на португалскиот стручњак доколку му врачи отказ во следните неколку недели.
Сепак, ако резултатите продолжат да бидат само негативни, ставот на клубот би можел да се промени во наредните недели, тврдат истите извори кои се добро упатени за сите случувања на „Олд Трафорд“.