– Американските царини од 15% не се конечни, продолжуваме да преговараме. Преговорите ќе бидат интензивирани во втората половина на август, кога ќе се завршат летните одмори. До крајот на септември ќе видиме која стапка ќе биде дефинирана, а според Министерството за финансии можеме да одиме до 10%, рече денеска директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.
Македонија согласно сегашните 15% царини е на ниво на цела ЕУ, додека во Швајцарија, на пример, стапката е 39%.
– Не се конечни тие 15%. Апсолутно бидете убедени дека ова е успех на нашата Влада која во комуникација и перманентни разговори и преговори со администрацијата на претседателот Трамп успеа од 33% да ги спушти на 15% царините, но ова не е конечен договор. Преговорите траат и ќе траат, а ќе бидат поинтензивирани во втората половина на август кога ќе се завршат летните одмори. Министерството за финансии е убедено дека можеме да одиме уште подолу, со стапка кај 10%. Продолжуваме да преговараме, јас сум убеден дека квалитетни луѓе преговараат и ќе видиме до крајот на септември која стапка ќе бдие дефинирана, но за тоа ќе излезат официјално владини претставници и ќе кажат – истакна Николовски.
Со новата извршна наредба што синоќа ја потпиша американскиот претседател Доналд Трамп царинската стапка за Македонија од претходните 33% е намалена на 15%. Царина од 15% ќе имаат и со Европската унија, со која склучија трговски договор на 27 јули. Од земјите во регионот, со царинска стапка од 15% ќе бидат и Хрватска и Словенија, производите од Србија ќе се царинат со 35%, од Босна и Херцеговина со 30%, а најниска царина ќе има Црна Гора 10%.