Предупредувањата за тренерот по гимнастика Шон Гарднер (38) доаѓаа со години и од повеќе извори – од неговиот поранешен шеф, од самите гимнастичарки и од нивните родители. Најпосле, тој е уапсен и исклучен од спортот, поради обвинението за злоупотребување девојки, пишува „Гардијан“.

Неговата поранешна шефица тврди дека ја предупредила организацијата „Ју-Ес-Еј Гимнастикс“ за загрижувачкото однесување на Гарднер и за регрутирањето девојки. Во исто време, родителите и младите спортистки пријавиле несоодветно однесување на неговото ново работно место, во престижната академија на познатиот тренер Лијанг Чоу Ќао, кој создаде неколку олимписки шампионки. И покрај сè, Ќао не само што го задржал Гарднер туку и го унапредил.

Истрагата на „Асошиејтед прес“, врз основа на интервјуата со четворица родители и на писмо од поранешниот работодавец на Гарднер, откри дека првите пријави против него биле поднесени до властите за гимнастика уште во 2018 година, четири години пред да добие забрана во спортот.

Еден родител изјави за АП дека неговата ќерка му рекла на Ќао, на состанок во 2020 година, дека Гарднер ја допирал несоодветно. Ќао го отфрлил тоа како ненамерен контакт, наменет за спречување повреда.

  • Се чувствуваше целосно обезвреднета – порача родителот за тренерот, кој се здоби со слава тренирајќи ги олимписките шампионки Шон Џонсон и Габи Даглас.

Олимпиското управно тело потврди за АП дека Ќао и неколкумина други тренери биле интерно санкционирани, затоа што не пријавиле обвинувања за сексуален напад против Гарднер и покрај тоа што знаеле за нив.

Ќао не одговори на барањата на АП за коментар. Гарднер во затвор го чека судењето, од апсењето на 14 август. Тој не се изјасни за виновен и не е познато дали има адвокат. Исто така, не одговори на прашањата на новинарите пред апсењето.

Еден родител, кој побара да не биде идентификуван за да го заштити идентитетот на својата ќерка, се присети на средбата со Ќао во 2019 година. Потоа зборуваше за загриженоста кај родителите на две други девојчиња, за несоодветното допирање и за разговорот на Гарднер за несоодветни теми.

Гарднер беше исфрлен од спортот дури во јули 2022 година, откако Американскиот центар за безбеден спорт доби извештај и му изрече привремена суспензија. Информациите беа доставени до полицијата, но поминаа уште три години пред ФБИ да го уапси по обвинението за сексуална злоупотреба на деца. Меѓу најсериозните докази е тврдењето дека поставил скриена камера во бањата на вежбалницата за да ги снима девојките, некои дури и на шестгодишна возраст.

Ова се случувало во времето кога американската јавност беше потресена од скандалот со докторот Лари Насар, што доведе до построги мерки за заштита на спортистите. Иронично, токму неуспехот на Гимнастичкиот комитет на САД и на Олимпискиот комитет да ги спречат предаторите како Насар доведе до создавање на „Сејф спорт“ во 2017 година, институција што, исто така, бавно реагираше во овој случај.

Меган Бонани, адвокатка што ги застапуваше жртвите на Насар, верува дека се повторува моделот.

  • Ова е истиот начин на однесување, при што не им се верува на девојките. Тие се отфрлени. Тие се потиснати. Она што го гледаме кај Гарднер е дека повеќе институции не дејствуваат со итноста потребна за безбедноста на децата – истакна Бонани.

Родителите на една гимнастичарка истакнаа дека го виделе Гарднер како ги допира девојките по задникот. Тој се оправда дека неговата рака случајно се лизнала, на што таткото го предупредил: „Нема да има несреќи со мојата ќерка“.

Адвокатката Бонани заклучува дека бавниот одговор на системот во овој случај е катастрофален и очекува да се јават повеќе жртви.

  • Штетата предизвикана од овој вид злоупотреба е трајна и навистина долготрајна. Таа ја менува траекторијата на животот на младата личност – истакна адвокатката.

ИЗДВОЕНИ