Американскиот технолошки гигант „Епл“ остварува рекордни приходи во Индија

28

Американскиот технолошки гигант „Епл“ оствари рекордни годишни приходи во Индија од околу девет милијарди долари, во фискалната година што заврши во март, објавува „Блумберг“ (Bloomberg), повикувајќи се на анонимни информирани извори.

Ова е раст од 13 проценти во споредба со претходната фискална година до март 2024 година, кога приходите на Apple изнесуваа околу осум милијарди долари.

Растот на продажбата се должи првенствено на подобрата продажба на „Ајфон“ (iPhone), но и на компјутери „Мекбук“ (MacBook), додава њујоршката агенција.

Индија сè уште сочинува мал дел од глобалниот бизнис на „Епл“, но компанијата од Купертино брзо инвестира во оваа земја, која би можела да стане нејзина клучна пазарна поддршка во наредните години.

Ајфоните на „Епл“ се поскапи во Индија отколку во САД поради високите даноци. На пример, основниот модел iPhone 16 се продава за повеќе од 900 долари во Индија, во споредба со 800 долари во САД.

„Епл“ се обидува да привлече индиски клиенти преку студентски попусти, програми за замена и банкарски зделки што нудат враќање на пари. И покрај глобалниот пад на продажбата на телефони, ваквите стимулации му помогнаа на индискиот пазар брзо да расте.

Во Кина, најголемиот странски пазар на „Епл“, продажбата порасна за 4,4 проценти на годишно ниво во вториот квартал од 2025 година, што е прв раст за две години.

Сепак, американската компанија изгуби и пазарен удел во Кина поради кинеските брендови.

ИЗДВОЕНИ