Американски окружен судија ја отфрли тужбата за клевета на Трамп против „Њујорк тајмс“

15
Фото: EPA

Окружниот судија на САД, Стивен Меридеј, ја отфрли тужбата за клевета од 15 милијарди долари на американскиот претседател Доналд Трамп против „Њујорк тајмс“, пренесува „Танјуг“.

Меридеј рече дека Трамп прекршил федерално процедурално правило кое бара кратко и јасно наведување на причините за барање правна заштита, додавајќи дека тужбата не е јавен форум за навреди или заштитена платформа за изразување гнев кон противник, објави „Ројтерс“.

Меридеј му даде на Трамп 28 дена да поднесе изменета тужба.

Трамп го тужеше дневниот весник „Њујорк тајмс“ за неточно известување и коментари за него.

Тужбата, поднесена во суд во Флорида, го обвинува „Њујорк тајмс“ дека е „гласноговорник на Демократската партија“ и наведува серија статии, вклучително и поддршка на насловната страница на демократската кандидатка Камала Харис пред минатогодишните претседателски избори, објави „Политико“.

Трамп во објава на социјалната мрежа Truth Social изјави дека „дегенерираниот“ „Њујорк Тајмс“ „со децении лажел за вашиот омилен претседател, моето семејство, мојот бизнис, движењето „Америка на прво место“ и нашата нација како целина“.

„На весникот „Њујорк Тајмс“ му е дозволено слободно да лаже за мене, да ме клевети и оцрнува премногу долго, и тоа мора да престане сега“, додаде тој.

Во тужбата се тврди дека известувањето на „Њујорк Тајмс“ го оштетило „уникатниот бренд“ и деловните интереси на Трамп, вклучително и вредноста на акциите на неговата медиумска компанија, предизвикувајќи „милијарди долари штета на репутацијата“.

ИЗДВОЕНИ