Американски офицери во ненадејна посета на Белорусија: Ги набљудуваат воените вежби со Русија/ВИДЕО

39
Фото: screenshot video Times news

Американски воени офицери во понеделникот ги набљудуваа заедничките руско-белоруски воени вежби, а белорускиот министер за одбрана Виктор Кренин изјави дека можат да гледаат „сè што ги интересира“.

Заедничката руско-белоруска воена стратешка вежба „Запад-2025“ започна во петок, 12 септември, во време на зголемени тензии со НАТО и два дена откако Полска собори руски беспилотни летала што влегоа во нејзиниот воздушен простор. Вежбата ќе трае до 16 септември.

Присуството на Американците на воениот полигон во Белорусија беше претставено како изненадување.

„Кој би помислил дека утрото на уште еден ден од воените вежби „Запад 2025“ ќе започне вака!?“ соопшти белоруското Министерство за одбрана.

Тој додаде дека американските воени офицери биле меѓу претставниците од 23 земји, вклучувајќи две членки на НАТО, Турција и Унгарија.

Министерството објави видео на кое се гледаат двајца униформирани американски офицери кои му се заблагодаруваат на Кренин за поканата и се ракуваат со белорускиот министер за одбрана.

„Ќе ви покажеме сè што ве интересира, што и да сакате. Можете да го разгледате полигонот, да разговарате со луѓе“, им рече министерот. Американците одбија да разговараат со новинарите.

Присуството на американските офицери е најновиот знак за затоплување на односите меѓу Вашингтон и Белорусија, близок руски сојузник што ѝ дозволи на Москва да ја користи нејзината територија за да испрати десетици илјади војници во Украина во февруари 2022 година.

ИЗДВОЕНИ