вторник, февруари 3, 2026
Дома СВЕТ Американската војска собори ирански дрон во близина на американскиот носач на авиони...

Американската војска собори ирански дрон во близина на американскиот носач на авиони во Арапското Море

36

Американската војска денес соопшти дека соборила ирански дрон кој се приближувал кон носачот на авиони „Абрахам Линколн“ во Арапското Море, објави „Ројтерс“ на својата веб-страница.

„Ловецот Ф-35 од Линколн го собори иранскиот дрон во самоодбрана и за да го заштити носачот на авиони и персоналот на бродот“, изјави капетанот на морнарицата Тим Хокинс, портпарол на Централната команда на САД (CENTCOM), која е задолжена за Блискиот Исток.

Тој додаде дека иранскиот дрон бил Шахед-139 и дека за време на инцидентот нема повредени американски војници, ниту пак е оштетена американската воена опрема.

Од почетокот на тензиите со Иран и протестите во таа земја, американската војска донесе најмалку десет воени бродови на Блискиот Исток, вклучувајќи ја и ударната група предводена од „Линколн“ и неколку разорувачи, објави претходно „Асошиејтед Прес“.

На 30 јануари, ЦЕНТКОМ побара од Иранската револуционерна гарда да се воздржи од ескалација на море, пред заедничките вежби во кои учествуваат ирански, руски и кинески трупи.

„Американските сили го признаваат правото на Иран професионално да дејствува во меѓународниот воздушен простор и води. Секое небезбедно и непрофесионално однесување во близина на американските сили, регионалните партнери или комерцијалните бродови го зголемува ризикот од судир, ескалација и дестабилизација“, соопшти Централната команда.

Во текот на денот имаше и други инциденти меѓу САД и Иран.

„Волстрит џурнал“ објави дека рано утрово ирански воени бродови се обиделе да запрат танкер под американско знаме во Ормутскиот теснец.

Инцидентите се случија пред разговорите меѓу Вашингтон и Техеран во Истанбул, закажани за петок, паралелно со новите дипломатски потези од страна на Техеран.

Американскиот медиум Аксиос денес објави дека Иран побарал промена на локацијата и форматот на разговорите со САД, повикувајќи се на два неименувани извори, пренесе „Бета“.

ИЗДВОЕНИ