Стејт департментот објави пилот-програма што ќе трае 12 месеци, според која на посетителите од одредени земји при аплицирањето за виза може да им се бара депозит од 5.000, 10.000 или 15.000 долари. Ова е наведено во нацрт-известувањето објавено во Федералниот регистар. Пилот-програмата, наведува „Форбс“, е насочена кон „странци кои аплицираат за привремени деловни или туристички визи (Б-1/Б-2)“ од земји со „висока стапка на престој подолго од важноста на визата, каде што информациите за проверка и безбедносна проценка се сметаат за несоодветни“. Во известувањето не се наведени земјите и туристите кои се конкретно засегнати, ниту, пак, е разјаснето како туристите можат да го добијат назад депозитот на крајот од престојот. Од следната година се воведува и проверка на валидноста на добиената виза за што ќе се плаќаат 250 долари, што практично значи поскапување на американската виза за таа сума
Американскиот стејт департмент ќе бара од туристите и деловните патници од одредени земји да положат висока финансиска гаранција како доказ дека нема да го пречекорат траењето на нивните визи. Тоа е најновата иницијатива на владата со цел да се заострат условите за странските посетители, пишува магазинот „Форбс“.
Стејт департментот објави пилот-програма што ќе трае 12 месеци, според која на посетителите од одредени земји при аплицирањето за виза може да им се бара депозит од 5.000, 10.000 или 15.000 долари. Ова е наведено во нацрт-известувањето објавено во Федералниот регистар.
Пилот-програмата, наведува „Форбс“, е насочена кон „странци кои аплицираат за привремени деловни или туристички визи (Б-1/Б-2)“ од земји со „висока стапка на престој подолго од важноста на визата, каде што информациите за проверка и безбедносна проценка се сметаат за несоодветни“. Во известувањето, не се наведени земјите и туристите кои се конкретно засегнати, ниту, пак, е разјаснето како туристите можат да го добијат назад депозитот на крајот од престојот. Програмата ќе ги опфати и земјите кои нудат државјанство преку инвестициски програми без барања за престој. Тоа е поблаг пристап што го користат некои програми за имиграција преку вложувања во Европа, Карибите и Блискиот Исток.
– Се чини дека опсегот на пилот-програмата за депозит за виза е ограничен, со околу 2.000 засегнати кандидати. Веројатно од само неколку земји со релативно мал обем на патувања во САД, изјави Ерик Хансен, потпретседател за односи со владата во Туристичката асоцијација на САД – УСТА, пренесе „Форбс“.
Магазинот потсетува дека минатиот месец, Конгресот објави такса од 250 долари за проверка на валидноста на визата за повеќето американски неимигрантски визи, во што се вклучени и туристичките визи. Оваа новина ќе стартува наредната година.
Неодамнешна студија на Светскиот совет за патување и туризам, која го анализираше економското влијание на туризмот во 184 земји, покажа дека САД се единствената земја каде што се предвидува пад на потрошувачката на меѓународните туристи во 2025 година. Ова делумно се должи на низа иницијативи на администрацијата на Трамп кои го отежнуваат или го поскапуваат влезот во САД за странските патници.
– Најмногу загрижува таксата од 250 долари за верификација на виза што Конгресот неодамна ја донесе. Таа ќе важи за сите категории на неимигрантски визи и за сите кандидати, вели Хансен и додава дека таксата ќе значи дека САД ќе имаат една од највисоките, ако не и највисока цена за виза во светот.
Според него, за да останат САД конкурентни на глобалниот туристички пазар, од клучна важност е американската визна политика да ги одразува приоритетите за национална безбедност, но и значителната економска вредност на меѓународниот туризам.
Странските туристи потрошија 254 милијарди долари за патувања и производи и услуги поврзани со туризмот во САД во 2024 година, според Администрацијата за меѓународна трговија. „Форбс“ го поставува прашањето дали сега уште една финансиска пречка за туристите ќе влијае на посетеноста на Светското првенство во фудбал во 2026 година. Во март, ФИФА процени дека турнирот ќе генерира 30,5 милијарди долари економско влијание во САД, според анализата на „Опен економикс“ (ОЕ). Сепак, таа проценка се базира на претпоставката дека САД ќе доживеат „прилив на посетители“ од странство што ќе ги наполнат стадионите и хотелите. ФИФА им советуваше на градовите домаќини да очекуваат поделба на публиката 50/50 помеѓу домашните и меѓународните гости, изјавија туристичките претставници од повеќе градови за „Форбс“.
– Зголемувањето на надоместоците за легитимните меѓународни посетители претставува самонаметната царина за еден од нашите најголеми „извозни производи: потрошувачката на странските туристи, изјави Џеф Фримен, претседател на Американската туристичка асоцијација, минатиот месец кога беше објавена одлуката за воведување на надоместокот за проверка на визи.