Американската армија им препорача на своите членови стационирани во Германија да побараат помош од германските народни кујни и институции кои делат храна на сиромашните поради недостаток на плати поради блокадата на буџетот, објавија денес германските медиуми.
Администрацијата на американската армија стационирана на четири локации во Баварија им даде упатства на својата веб-страница на војниците за тоа како да се справат со недостатокот на плати, чија исплата е блокирана поради спорот во Конгресот околу буџетот.
Меѓу другото, се споменуваат германски добротворни организации како што е „Тафел“, кои делат храна на сиромашните граѓани во сите поголеми градови.
Околу 37.000 американски војници моментално се стационирани во Баварија. Исто така, се посочуваат апликации преку кои може да се добијат информации за тоа каде да се добие храна што е пред истекување на рокот.
Според германските медиуми, американскиот гарнизон Баварија оттогаш ги отстранил упатствата од својата веб-страница.
Во изјава за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, американската војска тврди дека упатствата биле наменети за цивилни службеници, од кои околу 11.000 се во Баварија.
Сепак, истиот весник наведува дека Германија интервенирала со заем од околу 43 милиони евра за покривање на платите на германските граѓани вработени во американската војска. САД влегуваат во 38-миот ден од таканареченото затворање, кое ја блокираше исплатата на платите на вработените во владата.












