„Аксиос“ наведува дека сè уште е неизвесно како документот го третира едно од најспорните прашања, односно контролата на територијата во источна Украина, каде што руските сили полека напредуваат, но држат многу помалку територија отколку што бараше Москва претходно. Составувањето на планот го предводи специјалниот претставник на Трамп, Стив Виткоф, кој според неименуван американски функционер, интензивно разговара за него со рускиот претставник Кирил Дмитриев
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, во консултација со Русија, тајно работи на развој на нов план за завршување на војната во Украина, изјавија американски и руски претставници за „Аксиос“.
Планот на САД од 28 точки е наводно сличен на планот за мир во Газа, па точките во него се поделени во четири области: мир во Украина, безбедносни гаранции, безбедност во Европа и идните односи на САД со Русија и Украина. Висок руски функционер изјави дека е оптимист за успехот на предлогот, иако сè уште не е јасно како ќе биде прифатен од Украина и од нејзините европски сојузници. „Аксиос“ наведува дека е неизвесно како документот го третира едно од најспорните прашања, односно контролата на територијата во источна Украина, каде што руските сили полека напредуваат, но држат многу помалку територија отколку што бараше Москва претходно. Составувањето на планот го предводи специјалниот претставник на Трамп, Стив Виткоф, кој според неименуван американски функционер, интензивно разговара за него со рускиот претставник Кирил Дмитриев. Дмитриев, директор на рускиот државен инвестициски фонд и важен играч во дипломатијата околу Украина, рече дека поминал три дена во Мајами кон крајот на октомври во разговори со Виткоф и други членови на тимот на Трамп. Тој изрази оптимизам, наведувајќи дека „првпат има впечаток дека навистина се слуша руската позиција“. Виткоф вчера требаше да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Турција, но посетата е одложена, потврдија украински и американски функционери. Наместо тоа, тој разговараше со украинскиот советник за национална безбедност Рустом Умеров во Мајами, пренесе „Танјуг“.
Дмитриев изјави дека целта е принципите што Трамп и рускиот претседател Владимир Путин ги дискутираа во Алјаска во август да се пренесат во предлог што би вклучувал не само решавање на украинскиот конфликт туку и обновување на американско-руските односи и одговори на безбедносните загрижености на Москва.
– Станува збор за поширока рамка, односно како да се обезбеди трајна безбедност на Европа, а не само на Украина, рече тој и додаде дека намерата е нацрт-предлогот да биде завршен пред следната средба меѓу Трамп и Путин, додека планираниот самит во Будимпешта останува на чекање.
Дмитриев нагласи дека овој процес нема никаква врска со британската иницијатива за „моделот Газа“ во Украина, за која верува дека нема шанси за успех бидејќи ги игнорира руските позиции.
Американски функционер потврди дека Белата куќа веќе ги информира европските сојузници за новиот план, како и Украина. Тој, исто така, рече дека постои „реална шанса“ да се обезбеди поддршка и од Киев и од Европа, како и дека планот ќе биде приспособен врз основа на нивните предлози.
– Сметаме дека моментот е поволен за овој план. Но, двете страни мора да бидат практични и реални, рече американскиот функционер.












