
Главната преостаната база во североисточна Сирија во која се сместени американски војници е во висока готовност и мобилизирана за можни напади од Иран или неговите подружници, додека Бахреин и Кувајт го затворија својот воздушен простор како мерка на претпазливост, по нападите на Иран врз американските бази во Катар и Ирак, јавуваат агенциите, објави „Хина“.
Иран вечерва ги нападна американските воени бази во Катар и Ирак како одговор на бомбардирањето на неговите нуклеарни објекти, според иранската државна новинска агенција ИРНА. Базата Касрак е една од двете бази во североисточната сириска покраина Хасака во кои се сместени американски војници.
Бахреин објави привремено затворање на својот воздушен простор „како мерка на претпазливост, во светлината на неодамнешните случувања во регионот“, објави официјалната новинска агенција БНА. Бахреин е дом на Петтата флота на САД, која е одговорна за Заливот, Црвеното Море, Арапското Море и делови од Индискиот Океан.
„Би-Би-Си“ објави дека Министерството за внатрешни работи на Бахреин соопштило дека се огласиле сирени и ги повикало жителите да се преселат на „најблиското безбедно место“.
Во серија објави на платформата „Икс“, министерството изјавило дека жителите треба да побараат засолниште во згради или други покриени области „додека не помине опасноста“, без да прецизира за каква опасност станува збор.
Го повика населението да „биде будно“ и да преземе мерки на претпазливост „во случај на гласна експлозија“. Кувајт, исто така, објави дека го затвора својот воздушен простор до понатамошно известување поради ескалацијата на ситуацијата.