Американците ја кројат новата гасоводна карта на Европа, Македонија сака приклучок

САД го туркаат новиот гасен коридор Север – Југ, од Грција преку Бугарија и Романија до Украина. Македонија се обидува да биде ставена на гасоводната карта на Европа. Министерката за енергетика, Сања Божиновска, на министерскиот состанок во Атина се сретна со министерот за енергетика на Бугарија, Жечо Станков, на која се разгледаа тековните и идните активности поврзани со регионалната енергетска соработка меѓу Македонија и Бугарија во гасниот сектор. – Во разговорите на двајцата министри беше подвлечена иницијативата на Бугарија за проширување на гасната инфраструктура во близина на македонската граница, што ќе придонесе за поголема достапност и за пониска цена на гасот, како и за зголемена енергетска сигурност во регионот. Во таа насока, двете страни се договорија за организирање на заедничка средба меѓу претставници на двете земји за подобра координација и размена на информации за заедничките проекти – се потенцира во соопштението од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини

93

Забраната на Европската Унија за увоз на руски гас отвора можност за преобликување на енергетската мапа на Западен Балкан и на Југоисточна Европа. Од меѓународната конференција за енергија „Партнерство за трансатлантска енергетска соработка“ (P-TEC) што минатата недела се одржа во Атина, беше пратена порака дека Русија веќе не е сигурен испорачувач на енергија и дека Соединетите Американски Држави го туркаат новиот гасен коридор Север – Југ, од Грција преку Бугарија и Романија до Украина.

Премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, рече дека забраната на ЕУ за увоз на руски гас отвора можност за преобликување на енергетската мапа на регионот, при што ја понуди територијата на неговата држава да биде влезна порта за американскиот течен природен гас (ЛНГ) со воспоставување на вертикален коридор нагоре кон земјите од Југоисточна Европа. Извозните терминали во близина на Атина и во северна Грција би играле клучна улога во системот.

– Забраната мора да се спроведе, не смееме да дозволиме рускиот гас да влезе во Европа низ задната врата преку Турција, преку Турски тек – нагласи Мицотакис.

Рускиот гас моментално пристигнува преку гасоводот Турски тек преку Црното Море до Турција, а потоа преку Бугарија и Србија до Унгарија. Мицотакис веќе и ја нацрта траекторијата на движење на американскиот течен гас кој би пристигнал во Грција. Според Мицотакис, на гасната маршрута ги нема Македонија и Србија, односно тој најавува дека трасата на ЛНГ ќе се движи преку Бугарија и Романија и нагоре би ги снабдувал со еден крак Молдавија и Украина, а со другиот Унгарија и Словачка.

Македонија се обидува да биде ставена на гасоводната карта на Европа. Министерката за енергетика, Сања Божиновска, на министерскиот состанок во Атина се сретна со министерот за енергетика на Бугарија, Жечо Станков, на која се разгледаа тековните и идните активности поврзани со регионалната енергетска соработка меѓу Македонија и Бугарија во гасниот сектор.

– Во разговорите на двајцата министри беше подвлечена иницијативата на Бугарија за проширување на гасната инфраструктура во близина на македонската граница, што ќе придонесе за поголема достапност и за пониска цена на гасот, како и за зголемена енергетска сигурност во регионот. Во таа насока, двете страни се договорија за организирање на заедничка средба меѓу претставници на двете земји за подобра координација и размена на информации за заедничките проекти – се потенцира во соопштението од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Американците го буткаат гасниот коридор Север – Југ за да ѝ помогнат на Украина, чии енергетски капацитети се под постојани напади на Русија. Високи функционери на САД, предводени од министерот за енергетика на САД, Крис Рајт, го поздравија планот на Европската комисија за постепено укинување на сите испораки на руски гас за ЕУ ​​во текот на следните две години. Рајт нагласи дека тоа ќе ја ограничи руската воена машина и ќе изгради траен однос меѓу Европа и Америка. Осврнувајќи се на Русија, Рајт рече дека русите имаат пет цевководи до Европа и еден до Кина.

Вашингтон сака да ја пополни празнината што ја оставија руските резерви. Притисокот доаѓа во време кога претседателот, Доналд Трамп, продолжува да ја искористува позицијата на Америка како најголем извозник на течен природен гас во светот, поврзувајќи ги резервите на енергија со трговските односи со Европа и со напорите за ставање крај на војната во Украина.

Светски енергетски експерти коментираат дека Европа се наоѓа затечена затоа што плаќа трипати повеќе за американскиот течен гас, отколку за рускиот. Ако пред руско-украинската војна Европа трошеше повеќе од 155 милијарди кубни метри руски гас годишно што изнесува 45 % од вкупното снабдување со гас, до 2024 година таа бројка се намали на помалку од 25 милијарди долари, не затоа што веќе не ѝ беше потребен, туку затоа што беше принудена да го замени, плаќајќи трипати повеќе за американски течен природен гас (LNG) – преку 50 долари за мегават-час, во споредба со 15 долари што ги плаќаше за руски гас преку цевководи.

– Ова не беше економско приспособување, туку беше непосреден стратешки колапс. Франција произведува 63% од својата електрична енергија од нуклеарна енергија, но во 2023 година, 28 од нејзините 56 реактори пријавија корозија или пукнатини во критичните системи – изјави експертот за енергетика, Маурсио Херера Кан.

Пред намалувањето на рускиот гас, 55 % од индустриската енергија во Германија доаѓаше директно од природен гас, по просечна цена од 12 долари за мегават-час. Денес, истиот тој увоз надминува 38 долари за мегават-час дури и со владини субвенции, а во 2022 година спот цените достигнаа врв од 300 долари, принудувајќи цели производствени линии да запрат.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ