Најсилното клупско кошаркарско натпреварување, НБА-лигата, претрпи уште еден удар. Европејците ги зедоа работите во свои раце, бидејќи Лука Дончиќ, Јанис Адетокумбо и Никола Јокиќ доминираат во гласањето за ол-стар натпреварот. Деновите на апсолутна американска власт се минато. Србин, Словенец и Грк се на врвот од гласањето на навивачите, оставајќи ги зад себе најголемите американски ѕвезди. Дончиќ и Јанис се лидери на Западната и на Источната конференција, додека Јокиќ е втор на Западот и трет во генералниот пласман.

Асот на Лос Анџелес лејкерс моментално има 2.229.811 гласа, Јокиќ, од редовите на Денвер, е втор со 1.998.560, оставајќи го зад себе Стеф Кари од Голден стејт со 1.844.903, а МВП од минатата сезона, Шаи Гилџес-Александар, е четврти со 1.554.468.

Од друга страна, Гркот Адетокумбо е лидер во Источната конференција со 2.092.284 гласа, а зад него е бекот на Њујорк, Џејлен Брансон, со 1.916.497 гласа, додека Тајрис Макси од Филаделфија е трет со 1.908.978.

Она што особено ги боли НБА и јавноста во САД е фактот што веќе не е исклучок ова. Европејците од година на година сè повеќе доминираат во лигата, статистиката и влијанието. Никола, трикратен МВП и лидер на Денвер, со години доминира на натпреварите, Лука е лицето на новата генерација на НБА, додека Јанис е незапирлива сила. Тројцата не само што ги полнат салите и освојуваат гласови туку и ја обликуваат иднината на лигата. Американците воопшто не се чувствуваат удобно поради Дончиќ, Јокиќ и Јанис. Тие ја немаат освоено МВП-наградата од 2018 година.

Вистината е сурова. Најдобриот играч во лигата е Србин, најпопуларниот бек е Словенец, а најдоминантниот спортист е Грк. Иако американските ѕвезди продолжуваат да бидат на насловните страници, вистината дава поинаква приказна.

Годинашниот НБА ол-стар натпревар ќе се игра ноќта помеѓу 15 и 16 февруари, на стадионот „Интуит доум“ во Лос Анџелес. Гласовите на навивачите ќе бидат 50 проценти, гласовите на играчите ќе бидат 25 проценти, а оние на новинарите и на радиодифузерите што ја следат НБА-лигата ќе бидат 25 проценти. Од овие гласови ќе бидат избрани 10-мина стартери, по петмина од Истокот и од Западот.

Наместо претходниот формат од еден натпревар, ќе се игра турнир на кој ќе учествуваат четири екипи. Екипите ќе бидат составени од најмалку осуммина играчи, а натпреварите ќе се играат по 12 минути. Ќе има два тима од по 12-мина играчи од Соединетите Американски Држави и еден тим од 12-мина интернационалци. Прво ќе се одржат две полуфиналиња, а победниците ќе играат на решавачкиот натпревар.

ИЗДВОЕНИ