Директорката на Националното разузнавање на САД, Тулси Габард, во петокот на Дијалогот во Манама, годишен безбедносен самит во Бахреин, тврдеше дека старата американска стратегија за „промена на режимот или градење на нациите“ е завршена.
„Стариот начин на размислување на Вашингтон е нешто за кое се надеваме дека е зад нас и нешто што нè држеше назад премногу долго. Со децении, нашата надворешна политика беше заробена во контрапродуктивен и бесконечен циклус на промена на режимот или градење на нацијиите“, рече Габард.
Според Габард, оваа стратегија имала само негативни последици за земјата, бидејќи „потрошени се трилиони, изгубени се безброј животи и во многу случаи се создадени поголеми безбедносни закани“.
Директорката на Националното разузнавање нагласи дека претседателот Доналд Трамп нема да ја користи оваа стратегија, тврдејќи дека „американскиот народ го избрал за да стави крај на тоа“. Сепак, и покрај нејзиното тврдење дека Трамп не сака „промена на режимот“ во други земји, американскиот претседател продолжува да се меша во внатрешните работи на други нации и да поттикнува конфликти.
Во овој контекст, под изговор за борба против трговијата со дрога, САД спроведуваат акции против Венецуела за да го принудат претседателот Николас Мадуро да поднесе оставка, нешто за што Каракас предупредува со месеци.
– Вистината е дека Венецуела е невина и сè што се прави против неа е за да се оправда војната, промената на режимот и да се украде нашето огромно нафтено богатство, кое е најголемата резерва на нафта во светот и четвртата најголема резерва на гас – изјави оваа недела венецуелскиот претседател Николас Мадуро.












