САД го проценија Гренланд на околу 700 милијарди долари, како дел од планот за приклучување на островот кон САД, објави NBC News. Државниот секретар Марк Рубио е задолжен да подготви предлог за купување на полуавтономната територија во состав на Данска.
Проценката е направена од научници и поранешни американски функционери. Еден актуелен функционер на администрацијата го нарече купувањето на Гренланд „приоритет“ за Трамп.
Според американски функционер запознаен со ситуацијата, САД веќе би можеле да распоредат дополнителни трупи во Гренланд и да ги прошират своите воени и безбедносни капацитети во регионот според постоечкиот договор меѓу двете влади.
„Зошто да нападнете фарма за крави кога можат да ви продадат млеко по релативно прифатливи цени“, рече функционерот.
Додека некои членови на администрацијата на Трамп наведоа дека САД би можеле да употребат воена сила за да го преземат островот со околу 57.000 луѓе, други функционери на администрацијата и сојузници на Белата куќа веруваат дека обидот за купување на островот или создавање нов сојуз е поверојатен исход.
Друга опција што се разгледува е таканаречениот договор за слободна асоцијација со Гренланд, што би вклучувал финансиска помош од САД во замена за безбедносно присуство на САД на островот. САД веќе имаат слични договори со Маршалските Острови, Федералните Држави Микронезија и Република Палау, објавува „Спутник“.
Вклучувањето на Гренланд во тој модел би можело да задоволи дел од пошироката визија на Трамп за американска хегемонија на Западната хемисфера, а исто така би можело да биде поевтино решение од целосно купување, чија цена се проценува помеѓу 500 и 700 милијарди долари.












