Амбасадорот Улусој: Семејството е институција што нема алтернатива

77

Меѓународниот ден  на семејството – 15 Мај министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, и амбасадорот на Турција во Македонија, Фатих Улусој, го одбележаа со тоа што ги реафирмираа долгогодишните пријателски односи на двете земји и заедничката посветеност кон унапредување токму на семејството, како основна вредност и столб на општеството.

– Семејството претставува извор на стабилност, љубов и солидарност и затоа нашата соработка се фокусира на креирањето политики што ќе го поддржат неговото јакнење  преку социјални  услуги, поддршка за младите генерации и развој на инклузивни и одржливи мерки – изјави Лимани, нагласувајќи дека визијата на ова Министерство е општество во кое секое дете има можност да расте во сигурна, грижлива и поттикнувачка средина во која семејствата се поддржани, а младите охрабрени да ја градат својата иднина со надеж и самодоверба.

Тој наведе дека, како институција, основна задача им е да обезбедат поддршка за сите форми на семејства и да ги задоволат нивните различни потреби.

– Како низа иницијативи што ги спроведува Министерството во таа насока се: спроведувањето на Европската детска гаранција, со акцент на еднаквиот пристап до основните услуги за најранливите деца; промоцијата на позитивно родителство, преку обуки, ресурси и поддршка за родителите; развојот на систем за рана интервенција насочен кон навремено препознавање и поддршка на децата со тешкотии во развојот; изработката на национален акциски план за правата на децата (2025-2029 година), како стратешки документ за унапредување на детските права; законските измени за зајакнување на заштитата на децата, вклучувајќи го и формирањето специјализирано тело за следење на нивните права; унапредувањето на системот за згрижување со отворање нови центри за поддршка на згрижувачките семејства и изработката на нов граѓански законик, со што ќе се унапредат семејноправните односи за приближување до европските правни стандарди.

Амбасадорот Улусој, пак, нагласи дека зајакнувањето на интегритетот и функционалноста на семејната институција и обезбедувањето спокој, среќа и благосостојба на членовите на семејството ќе придонесат за обезбедување подобра  иднина на целото човештво.

– Семејството, како примарен столб на општеството, е незаменлива институција, која нема алтернатива. Семејството, кое го опкружува човекот низ целиот негов животен тек, претставува најфундаментална точка на поддршка во животот на поединецот – истакна Улусој.

Годината на семејството, во 1994 година, е прогласена од ОНБ, на меѓународно ниво. Додека 15 Мај, во изминатите 30 години, се одбележува како Меѓународен ден на семејството.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ